24/04/2024
Македонија

Арсовски: Тевдовски и Заев денес на месец и половина пред избори ќе ја задолжат Македонија за нови 130 милиони евра

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Тевдовски и Заев денес на месец и половина пред избори ќе ја задолжат Република Македонија за нови 130 милиони евра.

Дали власта се задолжува над 130 милиони евра со цел изборна корупција. Каде ќе завршат милионите на граѓаните на Република Македонија кои треба да ги враќаат истите со камата? Дали истите се наменети за изборен поткуп исто како сите оние вработувања кои што во моментов се реализираат?

Спиралата на задолжување веќе не може да запре. СДСМ ја води државата кон инсолвентност. Само за две години колку што се на власт го зголемија јавниот долг за над половина милијарда евра со што истиот надмина 5 милијарди евра и е над 50% од БДП.

СДСМ се задолжува, а граѓаните воопшто не знаат за што одат и се трошат парите. Две години власта нема ставено камен на камен, или изградено барем една педа автопат. Еден проект не е направен, една улица не е асфалтирана, граѓаните газат во кал. Никој не знае каде одат милијардите, кои утре сите граѓани наа= Република Македонија ќе ги враќаат со високи камати.

Пред да дојдат на власт СДСМ ветуваа дека ќе го намали задолжувањето, сега откако се власт, не само што не го намалија туку и енормно го зголемија. Со оваа темпо на задолжување државата се движи кон границата на инсолвентност, што за многу кратко време ќе предизвика државата да има проблем со отплаќање на долговите.

Почитувани,

Задолжувањето како инструмент за финансирање е дозволиво единствено само доколку со него се извршуваат капитални инвестиции. Во моментов знаеме дека нивото на капиталните инвестиции е многу ниско. СДСМ во изминативе две години не направи ниту еден инфраструктурен проект. Нивото на реализација на капитални инвестиции минатата година изнесуваше очајни 65%, од она што го предвиде владата, што е најниско ниво до сега забележано, истата пракса продолжува и оваа година, имено во јануари нивото на реализација на капитални инвестиции изнесува само 1%, што е доволен показател дека и оваа година, исто како и минатата нема да има ниту еден капитален проект.

СДСМ покажа дека не знае да ја води државата. Со СДСМ, Република Македонија само тоне во долговите. Претседателските избори се првата можност граѓаните да му кажат едно огромно НЕ на СДСМ, што ќе биде повод за предвремени парламентарни избори, со цел промена на оваа расипничка власт.