25/04/2024
Македонија

Балетот „Ла ла ла!“ вечерва на сцената на МОБ

На сцената на Македонската опера и балет вечерва (петок, 9 февруари) со почеток во 20 часот ќе биде изведена балетската претстава „Ла ла ла!“, во кореографија на Саша Евтимова…

Премиерата на ова балетско дело беше минатата година на фестивалот „Скопско лето“, а со него авторката одбележа десет години кореографска дејност. Подлога на балетот се евергрини на музика од Драган Ѓаконовски-Шпато, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Дуке Бојаџиев.

„Ова е претстава за едно убаво време и за едно Скопје за кое понекогаш можеби сите мечтаеме. Музиката предизвикува толку многу чувства во нас, спомени, копнежи, мечти, носталгија, работи поврзани со нашето минато. Само таа музика може да ги врати спомените, да ги склопи како сложувалка и напише една страница во книгата на нашиот живот“, истакна Евтимова лани пред премиерата на балетот.

На репертоарот на МОБ утревечер (10 февруари) е балетската претстава – „Шехерезада“ на Николај Римски Корсаков, во кореографија на Михаил Крапивин од Русија со првична постановка на Михаил Фокин. Ќе настапи балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ под диригентство на Бисера Чадловска.