29/03/2024
Охрид

Балканска конференција за проектен менаџмент во Охрид

Денеска во Охрид започна Балканската конференција од областа на проектниот менаџмент, која ја организира најголемата светска асоцијација за проект менаџери Project Management Institute (PMI).

На свеченото отворање на конференцијата свое обраќање имаше Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

-Огромна е честа да се биде град домаќин на настан кој на едно место ги собира експертите по лидершип менаџментот од повеќе Европски и Балкански земји. Одржувањето на самитот е потврда дека Охрид е дел од најновите научни сознанија и практики во оваа област.

Во градот кој претставува крстосница на цивилизациите, многу знајни и незнајни великани оставиле свој блег и го создавале мозаикот на овој град. Уверен сум дека и Вие, преку Вашата работа ќе бидете дел од тој мозаик, по што идните генерации ќе се идентификуваат.

Гостите кои прв пат доаѓаат во Охрид, верувам дека ќе успеат да го препознаат специфичниот флуид на единственото културно наследство и природните реткости, поради кои како светско богатство Охрид и Охридското Езеро се под заштита на УНЕСКО.

Ние, како домаќини ќе сториме се да придонесеме од Охрид да понесете само убави спомени и да понесете дел од многуте чудесни охридски приказни кои ќе Ви бидат инспирација во животот, истакна Георгиески.

На овој значаен собир, учествуваат стотина врвни експерти од областа на менаџментот и истиот има за цел да ја промовира важноста на улогата на проект менаџерите, во водењето и обезбедувањето на подобар развој на фирмите.

Project Management Institute® (PMI) е најголемата светска асоцијација за проект менаџери, со преку 600.000 сертифицирани експерти и 450.000 членови, во повеќе од 200 земји.