07/10/2024
Спорт

Барди и Костадинов: Подготвени за најголемиот предизвик

Македонската репрезентација се наоѓа во Букурешт, каде што ги одработува последните подготовки пред настапот на Европското првенство.

Нашата репрезентација се наоѓа во групата Ц заедно со селекциите на Холандија, Австрија и Украина. Првиот натпревар избраниците на селекторот Игор Ангеловски го играат на 13. јуни против Австрија со почеток од 18:00 часот.

Енис Барди, фудбалерот на шпански Леванте се чувстува одлично по десет дневната изолација и вели дека тој и неговите соиграчи извлекле голема поука од натпреварот со Австрија во Скопје и поразот од 4:1. Уверен е дека нема да ги повторат истите грешки.

Пред се би сакал да се заблагодарам многу на селекторот, моите соиграчи и федерацијата за поддршката што ја добив додека бев во изолација. Беше тешко, но се помина во најдобар ред. Не чувствувам никакви проблеми, се е во најдобар ред, подготвен сум и физички и психички за Европското првенство. Со нетрпение го очекувам стартот на ова првенство, сите сме максимално фокусирани на првиот натпревар против Австрија, селекција која ни е многу добро позната. Тоа што го постигнавме со селекцијата до 21 година во Полска е нешто незаборавно, но овој настап и овој турнир е нешто сосема различно. Не се чувствуваме како аутсајдери, тоа го докажавме и покажавме на претходните натпревари. На ова Европско првенство ќе потврдиме колку навистина вредиме како тим. Ми претставува огромна чест што сум дел од оваа генерација која успеа да оствари историски успех, пласман на едно Европско првенство. Ќе дадам се од себе на секој натпревар, а на селекторот е да одлучи дали ќе играм од почеток. Треба да бидеме максимално концентрирани на секој натпревар и во текот на сите 90 минути”, вели Енис Барди.

Тихомир Костадинов, фудбалерот од средниот ред на Македонија вели дека нашата селекција има квалитет и ќе се обиде да го покаже тоа на секој натпревар.

Последните два контролни натпревари на националната арена, посебно мечот со Казахстан се одлична увертира за претстојното првенство. Овие две недели ги искористивме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме за натпреварот против Австрија. Секој меч на ова првенство ќе биде тежок, ова за нас претставува огромен предизвик, бидејќи ни е прво Европско. Ги знаеме нашите квалитети, подготвени сме, ќе атакуваме на победа на секој натпревар. Најмногу жалам што нема да бидат исполнети целосно стадионите, но имајки ја предвид целата ситуација последните година и пол, добро е и ова што ќе имаме одреден процент на публика. Се надеваме на голема поддршка од нашите навивачи и знаеме дека ќе не бодрат на целото првенство. Оваа репрезентација има голем напредок во однос на последната пресметка со Австрија. Расте самодовербата кај нас играчите, селекторот и целиот стручен тим. Ни одговара тоа што не сметаат за аутсајдери на ова првенство, тоа нас ни оди во прилог, опуштени сме, не чувстуваме никаков притисок. Оваа репрезентација поседува квалитет, на секоја репрезентација ќе и биде тешко да игра против нас”, вели Тихомир Костадинов.