28/03/2024
Македонија

Бектеши го претстави граѓанскиот буџет за 2021 година

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата го презентираше Предлог-буџетот на Министерството за економија за 2021 година.

Министерот се осврна на проектите коишто е предвидено да ги реализира Министерството за економија следната година.

Бектеши потенцираше дека главни приоритети на Министерството за економија се создавање на услови за развој на индустријата, развивање на претприемништвото, креирање и интеграција на единствен пазар во ЕУ, обезбедување енергетска стабилност и сигурност, истражување, експлоатација и одржливо искористување на минералните суровини, развој на туризмот со подобрување на стандардите на туристичката понуда. Кажа дека како резултат на пандемијата која предизвика здравствено-економска криза во целиот свет и кај нас, оваа година беа променети приоритетите на Министерството за економија и целиот буџет на Министерството беше пренасочен кон поддршка на најпогодените сектори во економијата, но и најпогодените граѓани.

„Следната 2021 година е година во која се очекува опоравување на целиот свет од кризата предизвикана од пандемијата, а такви се и нашите проекции. Затоа кога го креиравме Буџетот за 2021 година, нашите очекувања се дека со него ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија. Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места“, кажа Бектеши и потенцираше дека во оваа насока ќе работи и Министерството за економија во 2021 година.

„Буџетот на Министерството за економија за 2021 година е предвидено да изнесува 826 милиони денари. Од овие средства 130 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 167 милиони денари се наменети за капитални расходи, а 190 милиони денари за субвенции. Дел од субвенциите кои што беа предвидени во програмите за 2020 година, поради пандемијата и економската криза, не беа објавени јавни повици за дел од мерките. Но, во 2021 година е предвидено да се реализираат сите програми и мерки за што се предвидени дополнителни средства“, потенцираше министерот.

„Во Програмата за енергетска ефикасност на Министерството за економија како што кажа Бектеши за 2021 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 47 милиони денари, а тука спаѓаат пред сè субвенции за: купени и вградени сончеви термални колекторски системи, замена за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за купување на печки на пелети, за надоместување за инсталирање на фотонапонски системи за производство на електрична енергија“, потенцираше Бектеши.

Министерот потенцираше дека во делот на активности за финансиска поддршка на туризмот во 2021 година фокусот на министерството ќе биде поддршка на домашниот туризам.

„Продолжуваат субвенциите за поддршка на туристички цели на селски домаќинства, поддршка на активен туризам, за дигитализација на туристичкиот сектор, поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи“, кажа Бектеши и додаде, следната 2021 година тројно е зголемен буџетот на Министерството за економија за субвенции за приватни претпријатија за што се предвидени 13 милиони денари и тоа за имплементација на активности за паметна специјализација, поддршка на фирми од преработувачка индустрија, поддршка и проширување на акредитација на лаборатории за испитување на градежни производи и други активности.

Министерот Бектеши информираше дека во 2021 година се предвидени двојно повеќе средства за поддршка на претприемништвото, за што се предвидени вкупно 50 милиони денари, додека во 2020 година беа предвидени за оваа намена 20,3 милиони денари. За поддршка на претприемништвото во 2021 година ќе биде обезбедена финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, женско претприемништво, подобрување на вредносните синџири, сертификација на системи за квалитет, сертификација на ХАЛАЛ систем и поддршка на занаетчии.

„Поради големиот интерес со првиот јавен повик кој го објавивме минатата година, а и неможноста оваа година да ја субвенционираме оваа мерка, во 2021 година во Буџетот на Министерството за економија се предвидени 13 милиони денари за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. Ова е неколкукратно зголемување на финансиската поддршка за оваа мерка ако се земе во предвид дека за 2020 година за субвенции за вградување на плин во возилата беа предвидени само 2,3 милиони денари“, кажа Бектеши.

Министерот информираше дека за следната година е предвидено зголемување на средствата во Буџетот во делот на гасификацијата, односно за реализација на капитални инвестиции.

„Во Буџетот на Министерството за економија за изградба на гасоводната мрежа се предвидени 140 милиони денари, средства кои што АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда“, потенцираше министерот.