25/04/2024
Македонија

Без значителни проблеми по новите снежни врнежи во Битола

Екипите на КЈП „Нискоградба“ од раните утрински часови со расположливата механизација започнаа со чистење на снегот, по новите снежни врнежи кои започнаа во текот на вчерашниот ден. Директорот на ова јавно претпријатие Методи Сиљановски истакна дека нема застои по коловозите.

„Улиците од прв и втор приоритет се дочистуваат и се очекува некаде до 15 часот да се заврши со нивно чистење, а дел од улиците кои не се на приоритетната листа, исто така се чистеа со нашата механизација од раните утрински часови. Механизацијата на терен работеше и на расчистување на локалните патишта до селата во Општина Битола. Исчистени и проодни се речиси сите, освен селата на патот за брана Стрежево, каде веќе се упатија нашите вработени и се очекува и тие да бидат проодни некаде до 15 часот. Дел од екипите го чистеа и Широк Сокак, со оглед на важноста оваа улица да е проодна за граѓаните“, посочи Сиљановски.

Во Битола, во текот на изминатите 24 часа наврнаа околу 20 санитуметри снег. Во текот на ноќта и утринските часови, екипите на КЈП „Нискоградба“ низ улиците фрлиле нови 15 тони сол и 15 м3 ризла.