28/03/2024
Македонија

Битиќи: Намерата на Владата е да имаме ефикасни и ефективни јавни претпријатија

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес, на покана на „Центарот за граѓански комуникации“, „Конект“ и „Здружението на даночните советници“, учествуваше на дебата која се спроведува во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис секторот“ на тема „Работењето на државните претпријатија низ призмата на финансиските индикатори“, а на кој беше презентирана и публикација за резултатите од финансиското работење на 30-те најголеми јавни претпријатија во државна сопственост.

Вицепремиерот Битиќи, во своето излагање посочи дека причината и приоритетот поради кои се основани јавните претпријатија е обезбедување на услуги за граѓаните. Тоа треба да бидат квалитетни и навремени услуги, кои го олеснуваат и даваат квалитет на животот на граѓаните на нашата земја, a еден од показателите за тоа дали ја исполнуваат својата примарна цел се финансиските резултати.

„Земајќи ги предвид податоците кои произлегуваат од анализата, фактот што поголемиот број од претпријатија кои се во сопственост на државата во 2019 година имаат многу поголема ефикасност и ефективност во нивното работење во споредба со претходните години е доказ дека политиките на Владата и преземените мерки за подобрување на состојбата во овој сегмент на државното функционирање полека но сигурно ги даваат своите резултати“, потенцираше вицепремиерот Битиќи.

Битиќи укажа дека поголем дел од претпријатијата работат солидно, односно имаат стабилни финансиски проекции и планови, остваруваат позитивен финансиски резултат и се самоодржливи и на среден и на долг рок.

„Она што како порака веќе го упатив до директорите на претпријатијата можам да го повторам и тука, а тоа е намерата на Владата да ги насочи и поддржи претпријатијата кон уште поефективно и поефикасно користење на ресурсите и создавање услуги кои ќе го унапредат нашето секојдневно живеење. Сепак, за оние претпријатија кои веќе одреден период или години наназад работат со проблеми или негативен финансиски резултат, сметам дека е нужно да се разгледаат опции кои ќе водат до промени“, додаде вицепремиерот.

Битиќи рече дека кај дел од јавните претпријатијата, како што е и во публикацијата наведено, и државата има констатирано дека се нужни промени во концептот на нивното функционирање.

„Нашите анализи покажаа дека преструктуирањето на некои од претпријатијата е неминовен процес кој што ќе се одвива во наредниот период, впрочем истите се во корелација со податоците од оваа анализа. Веќе знаете дека Владата има започнато процес на избор на компании за физибилити  студија за Македонски пошти и ТЕЦ Неготино и истиот процес ќе следи и за Железници на Северна Македонија Транспорт, ТЕЦ Осломеј или дел од енергетските капацитети кои функционираат во рамките на АД Електрани на Северна Македонија. Според податоците од физибилити студијата ќе се утврди моделот кој е најсоодветен за преструктуирање на овие претпријатија, дали тоа ќе биде јавно приватно партнерство или пак можеби приватизација на истите. Ако направените студиите покажат дека некое од претпријатијата можат да бидат самоодржливи со сегашниот статус ќе бидат направени планови за внатрешни промени кои ќе им овозможат да го подобрат нивното работење или да работат со позитивен финансиски резултат“, нагласи заменикот на претседателот на Владата.

Вицепремиерот Битиќи ги повика и охрабри граѓанските организации  и целиот невладин сектор и понатаму да бараат високи стандарди за отчетност и транспарентност од јавниот сектор, вклучително и од јавните претпријатија.

„Заедничка цел кон која сите работиме е јавни претпријатија кои работат ефективно и ефикасно со цел граѓаните да ги добиваат услугите кои ги заслужуваат кои креираат повисок стандард во нашето секојдневно живеење“, заврши Битиќи со своето излагање.

За  време на дебатата истакнато е дека е многу важно да се обезбеди квалитетно управување со јавните претпријатија во државна сопственост или во сопственост на општините. Во моментот во државата функционираат вкупно 145 јавни претпријатија во државна сопственост или во сопственост на локалната самоуправа, со вкупен приход од околу 810 милиони евра, а во кои работат околу 29 илјади лица.