28/03/2024
Македонија

Битиќи – Пауновски на средба со претставници на категоризирани ресторани за свадби и прослави и ноќни клубови

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Државниот  пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, вчера вечер, остварија средба со претставниците на категоризираните ресторани за свадби и прослави и ноќни клубови, со кои разговараа за предизвиците со кои се соочуваат угостителите, како и за мерките за поддршка на стопанството и граѓаните од Петтиот пакет, за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата, во услови на пандемија, се обидува да им помогне на сите погодени граѓани и компании, а има детектирано дека угостителството и туризмот, се најпогодените гранки од пандемијата и затоа, во сите пет сета, креирани се мерки со кои токму овие гранки се највеќе поддржани.

Со петтиот пакет на мерки, компаниите од овој сектор може да искористат финансиска помош за исплата на плати, бескаматен кредит со грант компонента до 50%, а со Законот за државна гаранција, кој е во собраниска процедура, значително би се помогнало за одржување на ликвидноста на компаниите.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Пауновски нагласиja дека здравјето на граѓаните е најважно и дека протоколите кои се предложени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата, се токму во насока на заштита на јавното здравје. Тој гарантираше дека нема никаква селективност во постапување на инспекторите, ниту интенција при спроведувањето на санкции, за што посочи дека во периодот од речиси една година, од почетокот на пандемијата, вкупно се санкционирани 471 правно лице, за непочитување  на протоколите.

На состанокот, вицепремиерот Битиќи и директорот Пауновски, повторија дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет,  а со претставниците на категоризираните ресторани за свадби се договорија да биде доставен предлог протокол за нивна работа, којшто ќе биде проследен до Комисијата за заразни болести на разгледување.