16/04/2024
Македонија

Битолскиот театар со „Пијани“ гостува во Кичево

На 21 март (среда) во Центарот за култура во Кичево ќе биде прикажана претставата на Народниот театар од Битола, „Пијани“ по текст на Иван Вирипаев, а во режија на Марјан Ѓорѓиевски. Актерската екипа е составена од Никола Пројчевски, Валентина Грамосли, Маја Андоновска Илијевски, Соња Ошавкова, Илина Чоревска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Живко Борисовски, Ангела Димитрова…

Музичките изведби во претставата се на Александар Димовски, Соња Ошавкова, Валентина Грамосли и Ангела Димитрова. Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографија Валентин Светозарев.

„Живееме млитав живот полн со банални проблеми; капиталистичката машинерија ги одзема од нас основните етички и морални вредности правејќи нè лицемерни, празни, изгубени, подли, неспособни да се променуваме и да бидеме подобри луѓе. Се изгубивме себе си, а тие до нас стануваат лешеви кои по некоја механика нè поднесуваат; се замислуваме богови на земјата, а единствено што постигнуваме е полно его-станавме муцки полни фалба и ништо друго.

Ова е претстава не одговора, оваа претстава поставува прашања: што е вистината, до каде стигнавме, што направивме, какви сме денес, како да си кажеме дека сме изгубена генерација, дека заборавивме да простуваме; како на крајот од трката сфаќаме дека сè е бесмислено, банално. Ете тогаш започнува тишината, тогаш започнува и горчливата комедија, ‘Пијани’, подвлекува во најавата за претставата, режисерот Марјан Ѓеорѓиевски.