28/03/2024
Спорт

Благоја Милевски го објави списокот за натпреварите против Азербејџан

Селекторот на македонската репрезентацијата до 21 година, Благоја Милевски, го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета на пријателските средби против Азербејџан кои се играат на 24. и 27. мај во Баку.

Дел од тимот ќе бидат фудбалери од генерацијата 1998/99 и ќе доаѓаат од тимот кој претходно играше елитна фаза на квалификации за Европското првенство.

Милевски истакна дека оваа генерација има голем квалитет да биде конкуретна во наредните квалификации.

„Селективниот камп во месец мај ќе го одработиме во Азербејџан со два пријателски меча. На списокот имаме три до четири откажувања поради повреда – Личина, Абаз, Елмас и Митровски. Но, се надевам дека ќе бидат спремни сите да се стават на располагање веќе наесен кога се играат две квалификациски средби со Србија и Ерменија. На списокот има играчи 1998/99 година, како еден почеток на создавање на нова генерација и тим кој ќе има право на настап во следните квалификации. Има и тоа како квалитет да се биде конкурентен во следните квалификации“, изјави Милевски.

Македонија до 21 година од јуни добива нов селектор. Благоја Милевски заминува во Израел и ќе го води тимот на Ашдод.

„Благодарност за несебичната поддршка што ми ја дадовте со години. Договорот со ФФМ ми е до 1 јуни и сум на располагање дотогаш. Дали ќе патувам за Азербејџан или не, ќе одлучат од Федерацијата. Јас сум подготвен да го испочитувам договорот максимално до крај. Сето она што ќе следи потоа, за тоа ќе зборуваме потоа. Понекогаш, во животот морате да продолжите понатаму, иако тоа не го посакувате. Некако и чувствувам дека ми е потребен нов предизвик“, изјави Милевски.