19/04/2024
Охрид

Богата програма синоќа „На зајдисонце“ во Трпејца

Класична музика, театарска претстава и новосоздадена македонска песна. Таква беше понудата синоќа на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца.

Брановите не дозволија учениците од ОМУ „Методи Патче“ да влезат во кајчињата и да свират. Но затоа талентираните ученици: Ана Матеска – флејта, Наум Палоски – кларинет и Христијана Матеска – хармоника сите свои квалитети ги покажаа изведувајќи дела со кои во учебната година која остана зад нас собраа многу домашни и меѓународни награди и признанија.

Следеше театарската претстава „Да ми кажуваше некој, немаше да верувам“ која со деца од Трпејца, Охрид и деца летувалци за само четири дена ја подготви актерката Марија Новак. Сите добија аплаузи на отворена сцена и ја воодушевија бројната публика со својот ентузијазам и несомнен талент.

Како шлаг на вечерта беше настапот на познатиот македонски интерпретатор на македонска народна и новосоздадена песна Петар Нечоски. Тој пред публиката се претстави со грст хитови кои се дел од неговата успешна и повеќекратно наградувана соработка со охридскиот тандем Енвер Рашити и Јовица Каралиевски. Покрај: „Да те прашам животе“, „Охрид граду бисерен“, „Жолто фустанче“ и ред други со кои Петар како и секогаш и синоќа ја подгреа атмосферата во публиката тој отпеа рефрен од новата песна – соработка со истиот тим Рашити и Караливески – „Песна за Трпејца“. Трпејчани воодушевено му ракоплескаа и на тој начин го изразија задоволството од слушнатото. Според Нечоски тој со оваа песна ќе настапи на претстојниот фестивал „Охридски трубадури“ во септември, а неговите фестивалски ангажмани наскоро ќе го однесат во Лешок – Тетово и во Сандански на „Пирин фолк – фест“ – Бугарија.

Денеска сабота во Трпејца ќе се одржи традиционалното Фаќање риба на јадица. Попладнево под раководство на Даниел Наумоски од студиото „Соната“од Охрид ќе започне првата – дводневна работилница за модерен танц, а вечер од 20 и 30 гостува популарното дуо ДИС – брачната двојка Денис Мурат и Стефани Стефановска – Мурат.