16/04/2024
Македонија

Божиќен концерт во Македонскиот културен центар во Њујорк

Во Македонскиот културен центар, Галеријата МЦ во Њујорк, Соединетите Американски Држави, денес ќе се одржи божиќен концерт на македонската реномирана обоистка Гордана Јосифова-Неделковска, во пијано придружба на Нина Костова…

На концертот кој се реализира со поддршка на Министерството за култура, ќе бидат изведени познати дела од светската музичка традиција, меѓу кои и Аријата за обоа и пијано од Бах, дела од Енио Мориконе, Сен-Санс, Григ, а за публиката во САД, меѓудругото, ќе биде претставена и македонската традиционална песна „Не си го продавај Кољо чифликот” за обоа и пијано, во аранжман на Кире Костов.

Проф. Гордана Јосифова-Неделковска дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Ќиро Давидовски. Се усовршувала на академијата „Моцарт” во Варшава, Полска и БАНФФ центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Со бројни рецитали има настапувано во Русија, Италија, Германија, Холандија, Канада, Грција и др.

Пијанистката Нина Костова дипломирала на Факултетот за музичка уметност во класата на Борис Романов. Добитник на неколку меѓународни награди, а одржала бројни настапи на концертните подиуми во Македонија, Франција, Италија, Велика Британија, Турција, Бугарија, Србија.