29/03/2024
Охрид

Божиновски: Една година празни ветувања за живот во Охрид

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„Помина една година од ветувањата за живот во Охрид. Една година од владеењето на СДСМ и градоначалникот Стојаноски, доволно време да извлечеме заклучок за способноста на оваа Локална самоуправа и што е она што можеме да го очекуваме во иднина. Година која може да се одбележи како една од најслабите во историјата на градот Охрид во делот на изградба на инфраструктурни објекти.

Каде е сè она што го ветивте пред една година?

До каде се проектите од програмата со која ветувавте живот?

Охрид тапка во место една година со заспаната администрација и никаква активност на Јавните претпријатија. Ветените проекти беа само предизборна измама за охриѓани. Оваа Локална власт на сметка на проектите и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, свесно дозволи средствата за таа намена да бидат извршени од доверителите без претходно потпишани договори.

Ниту знае, ниту сака да работи за доброто на граѓаните. Нема инфраструктура, улици, водоводи, нема економски движења, нема инвестиции, нема градежништво, нема развој. Не направија ниту еден проект, но затоа има партиски превработувања. Граѓаните се сведоци на хаосот во сообраќајниот режим, хаосот со рапмите и нефункционално паркинг решение наместо катни гаражи, преполни контејнери, ѓубре по улиците и нови депонии наместо ветената фабрика за отпад, а бројот на кучиња скитници е поголем од кога било претходно. Наместо модерен туризам, панаѓур за време на туристичката сезона.

Попмезно најавуваниот проект за гасификација нема да дочека своја светлина како што нема да се случи санација и доизградба на колекторскиот систем. Ветувавте чесност, посветеност, транспарентност, а за првпат нема снимања на седниците на Советот.

Ви пречи ли транспарентно работење на Советот? Затоа нема ниту еден отворен ден на Општината?

Стојаноски кога даде отчет за првите 100 дена власт се пофали со проектите изработени и скоро во целост реализирани од претходната Локална власт и најбезобразно си ги припиша за свој успех.

Затоа што нема реализирано ниту еден проект и нема што да препише Стојаноски го одложи давањето отчет. Никогаш отчетноста и не била карактеристика на СДСМ.

За среќа охриѓани многу добро паметат кој и што направил и во свое време, па разумно расудувуваат. Револтот на граѓаните е сè поголем. Не само што нема повеќе пари за граѓаните, напротив, има појава на масовно осиромашување на граѓаните преку покачување на цените на водата, паркингот, нема обештетување за штетите од земјотресите, назначување на членови на управни и надзорни одбори спротивно на законот, партиски реваншизам, цвета бизнисот на урбаната мафија, со непрофесионалното регулирање на нивото на водата предизвикани штети со поплавите и наместо заштита на Студенчишкото блато негово незачувување.

Каде се ветените градинки и детските игралишта? Што се случи со изградба на четирите училишни спортски сали? Ги оставивте учениците без бесплатен превоз, а учебниците никако да стигнат.

Нема Младински културен центар, Покриен базен и обновен Дом на пензионери. Нема готов автопат Кичево-Охрид, нова болница кај Свети Еразмо, нема нов Центар за култура и Конгресен центар.

Почитувани,

Неработењето, лагите и манипулациите, апатија и песимизам, негрижата за општината станаа синоним за оваа Локална власт. Не се тоа европски принципи што секој граѓанин ги заслужува.

Бевте гласни на зборови и велевте зборот е збор ама гледаме дека не е. Единствено има партиски популизам и поигрување со националните чувства на Македонците и понижување.

Охрид и охриѓани заслужуваат подбра иднина.“ – истакна Божиновски.