29/03/2024
Охрид

Божиновски: Градоначалникот Стојаноски го затскрива полнењето на администрацијата со партиски подобни кадри

Градоначалникот Јован Стојаноски го затскрива полнењето на администрацијата со партиски подобни кадри. Општина Охрид распишала оглас за доделување на договор за јавна набавка на услуги за привремени вработувања за потребите на Општината. Според објавата на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки се работи за договор со проценета вредност од 7.564.005 денари без ДДВ во период од една година. Класичен пример за недомаќинско работење, рече на денешната прес-конференција портпаролот и шеф на ЦК ВМРО – ДПМНЕ Охрид, Перчо Божиновски.

„ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше и уште еднаш потенцираме дека декларираната заложба за транспарентност, отчетност и заслуги во јавната администрација е загрозена од ад-хок мерките кои овозможуваат вработување во јавна служба како социјална мерка, или масовното претворање на привремените вработувања во постојани вработувања. Со невидена дрскост Дамјан Манчевски јавно призна дека СДСМ спроведува политички реваншизам со тоа што ги прекина сите договори за привремено вработување кои ги затекна, за сега да склучува нови. Додека сè уште ја чекаме точната бројка колку вкупно вработени има државната и јавната администрација, во последните неколку месеци на сите страни излегуваат огласи за привремени вработувања. Градоначалникот веднаш да одговори дали привремените вработувања се канал за партиски вработувања? За жал, исто така најизразено беше во образовните институции каде без работа и без посебно образложение беше прекинуван договорот на луѓе кои работеа со години во училиштата и градинките, па мораше да реагира и Синдикатот. Беа отпуштени самохрани мајки и луѓе за кои тоа работно место им е единствениот приход, сè со цел да се вработат партиски кадри без ден работно искуство, без оглас и посебни критериуми за работа.“ – рече Божиновски.

Божиновски запраша дали на овој начин се вработуваат партиски кадри на СДСМ, и како што кажа вака практично се затскрива полнењето на администрацијата со партиските подобни кадри.

„ВМРО-ДПМНЕ апелира да престане прогонот и реваншизмот врз вработените во јавната и државната администрација. Сметката во име на СДСМ на крај ја плаќаат граѓаните.“ – додаде Божиновски.

WebOhrid