29/03/2024
Охрид

Божиновски: На СДСМ и градоначалникот Стојаноски не им е важно образованието, тие ги кратат парите за образованието

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Перчо Божиновски, портпарол и шеф на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Локалната Самоуправа предводена од СДСМ и градоначалникот Стојаноски воопшто не се стреми кон задоволување на потребите и интересите во областа на образованието. Не им е грижа ниту за изнаоѓање форми за поефикасно и поекономично одвивање на образовниот процес, ниту подобрување на условите за обавување на истиот.

Со измена на развојната програма за активностите на општина Охрид во областа на образованието за 2018 – 2020 година, односно со ребалансот на буџетот се намалуваат средствата кои беа предвидени за реконструкција на кровот на ОСУ „Св.Климент Охридски“.

Како долгогодишен просветен работник вклучен во образовниот процес, пратеничката Жаклина Лазаревска треба да чувствува одговорност за нешто коешто е ветено на колегите и учениците во Гимназијата.

Нели заложбите беа токму санација на кровот во ОСУ „Св.Климент Охридски“?

Замислете, вкупниот износ на предвидени средства се намалува за 3.500.000,00 денари со што е ставена во прашање реконструкцијата.

Градоначалникот Стојаноски да одговори зошто сѐ уште не е извршена дренажа во ОУ „Братство и Единство“?

Единствено учениците од Охрид од целата држава не учествуваа на државните натпревари по математика.

Која е причината и зошто се дозволи учениците заедно со професорите по математика да не учествуваат?

За СДСМ зборот не е збор. СДСМ нема ниту идеи, ниту визија, ниту програми и проекти во образованието. На СДСМ и градоначалникот Стојаноски не им е важно образованието, тие ги кратат парите за образованието. За жал тоа го чувствуваат учениците, наставниците и родителите преку стопирање на сите проекти започнати од ВМРО-ДПМНЕ.“ – истакна Божиновски.