29/03/2024
Македонија

Царовска: Отворено ново социјално претпријатие – пекарница за реинтеграција на лицата од терапевската заедница Покров

Здружението на граѓани „Избор” во Струмица отвори пекарница којашто ќе функционира како социјално претпријатие. На отворањето присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер и преставници од други иституции и организации.

„Денеска имам особена чест и задоволство да присуствувам на отвoрањето на оваа Бејгел пекара, каде што ќе се реинтегрираат лицата кои го завршиле процесот на ресоцијализиација и третман во терапевската заедница „Покров”. Поддршката на ваквите иницијативи ја обезбедуваме преку Оперативниот план за вработување, за кој оваа година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари. „Избор” Струмица е пример за тоа како мерките предвидени со планот можат да помогнат. Ова е начинот на кој на сите треба да им биде дадена втора шанса, да се реинтегрираат и вратат на правиот пат и во иднина самите да придонесуваат за својата благосостојба“, изјави Царовска.

Канцеларијата на Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, исто така која го препозна потенцијалот на „Избор”, и овозможи адаптација на просторот и набавка на потребаната опрема.

„Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, ја препозна потребата за развој на социјалното претприемништво во овој регион, како нов модел за финансиска одржливост. За да се искористи потенцијалот и да се обезбеди социјална интеграција на ранливите групи, треба да го охрабриме нивното учество во економијата. Затоа, верувам дека оваа нова Бејгел пекарница во Струмица е одлична иницијатива и одличен модел,“ рече Директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер.

Сократ Манчев, Претседател на „Избор“ рече дека неговото Здружение на граѓани работи на советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависници од психотропни супстанци.

„Многу сум благодарен што ГИЗ и МТСП го препознаа потенцијалот на Здружението. Во текот на минатите две години преку Оперативниот план за вработување Здружението вработи 6 лица, а за Бејгел пекарницата ќе користи мерки од новиот ОП 2019, односно ќе добие поддршка за вработување на две млади лица до 29 години, и едно лице над 50 годишна возраст. Дополнително, МТСП обезбедува финансиска поддршка за Програмата за социјална ресоцијализација во Терапевтска заедница „Покров“, рече Манчев.

Во втората половина од 2019 година со поддршка на УНДП „Избор” Струмица, ќе започне да ја пилотира и професионалната рехабилитација, преку формирање на Центар за рехабилитација и преку верификација на програми за обука за ранливи групи на граѓани.