23/04/2024
Македонија

Царовска: Родово одговорните буџети се клучни за создавање еднакви можности за жените и за мажите

„Единствен начин да покажеме дека нашата заложба за родова еднаквост е вистинска, а не декларативна, е буџетите да станат родово одговорни’’ – изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на тркалезна маса на тема: ,,Стратегија за воведување на родово одговорно буџетирање- 5 години потоа’’ во организација на Министерството за труд и социјална политика и UN Women. Стратегијата за родово одговорно буџетирање е донесена пред пет години, но државата не ги унапредила буџетите во насока на обезбедување на еднакви можности за жените и за мажите. Според Царовска, мора да има системска поддршка од страна на сите засегнати страни, институции, меѓународни и граѓански организации за унапредување на родовата еднаквост во нашата држава. Таа нагласи дека за доследно спроведување на овој процес и за создавање механизми за имплементација на родовата компонента постои силна поддршка од Министерството за финансии.

Во таа насока, Бранимир Јовановиќ од Министерството за финансии посочи дека уште во 2013 година во буџетот е ставен дел за родовите аспекти, но резултатите не се задоволителни. Затоа, во текот на 2018 година ќе се подготви нов закон за буџети, кој ќе биде соодветен на заложбите за родово одговорно буџетирање.

Според Доминика Стојаноска, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Скопје, ова е прашање за праведен начин на распоредување на расходите, преку кој се надминуваат големите родови јазови. Затоа, во иднина, индикатори за мерење на достигнувањата во оваа област ќе бидат алоцираните средства, а не бројот на усвоени закони и друга регулатива.

Овој настан беше организиран во рамките на регионалниот проект за Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа, поддржан од Австриската развојна агенција и Швајцарската агенција за развој и соработка.