25/04/2024
Македонија

Царовска: Секое дете заслужува шанса, секое дете е важно

Поддршката на семејствата и интервенцијата во раниот детски развој е еден од врвните приоритети на Владата, изјави министерката за труд и социјална политка Мила Царовска во своето обраќање на конференцијата „Квалитетно образование – за раст и развој”. Таа потенцираше дека инвестициите во човечкиот развој играат клучна улога во економскиот успех на нацијата. Преку нив се овозможува градење на способна и продуктивна работна сила, и минимизирање на социјалните проблеми. Интервенциите во раното детство ги зајакнуваат спосoбностите на децата за учење, соработката со другите, трпеливоста и развивање на други способности кои се основа за формалното учење и социјалната интеракција во училиштето и надвор од него.

„Интервенциите во раниот детски развој нудат ретка можност да се инвестира во нешто кое е во исто време и исплатливо и праведно, исплатливо во смисла на тоа дека има можност на овој начин да се добие квалификувана и способна работна сила во иднина, а и праведно во смисла дека оваа интервениција дава најдобри резултати за децата кои живеат во неповолни услови и немаат соодветна стимулација. Ова е најсоодветен начин за излез од кругот на сиромаштијата”, заклучи министерката Царовска.

Конференцијата е организирана под водство на Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ.