29/03/2024
Македонија

Царовска: Сервисите за поддршка на жртви од насилство ќе бидат адаптирани за жени и девојчиња со попреченост

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на панел дискусијата: ,,Жени и девојчиња со попреченост –потенцијални жртви на родово базирано насилство” рече дека во минатите години многу малку се зборувало и е направено за овој тип на насилство.

Пред две години таа како граѓански активист била дел од протестите пред истото тоа Министерство на чие чело е денес.

Царовска рече дека денес е во потешка положба но, и во состојба да донесе промени.

Периодот од шест месеци е краток за да се направи нешто конкретно. Сепак, важен чекор е направен со тоа што во Скопскиот регион веќе функционира стандардизиран специјален сервис.

Се планира ваквите сервиси да ја опфатат цела Македонија.

„Тоа го налага и Истанбулската конвенција која предвидува дека сите сервиси, што ги дава државата за превенција, помош, поддршка и рехабилитација на лица кои претрпеле семејно насилство, треба да бидат пристапни и за лицата со различни видови попреченост, специфично жени и девојки”, потенцираше министерката за труд и социјалнаполитика Мила Царовска.

Во Македонија стапката на семејно родово базирано насилство врз жени и девојчиња со попреченост е повисока од оние во останатите земји во регионот и ЕУ.

Недостигаат сервиси за поддршка, кои ќе бидат пристапни и достапни, со соодветен стручен кадар за овие лица, а потребно е и да се зголеми нивната информираност каде можат да го пријават насилството и кој може да им понуди помош и поддршка.

Панел дискусијата „Жени и девојчиња со попреченост-потенцијални жртви на родово базирано насилство” беше во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во соработка со Министерство за здравство на Република Македонија и агенциите на ОН.