28/03/2024
Македонија

Царовска во Виена: Македонија активно работи на воспоставување позитивни пракси за родова еднаквост

„Македонија работи активно на постигнување на родовата еднаквост и заштитата од дискриминација. Развиваме Национален индекс за родова еднаквост, во кој ќе биде вклучен индикатор за мерење на родовата рамноправност со кој пак ќе се прави споредба со ЕУ и нејзините земји-членки. Исто така со воспоставувањето на е- обуки на цела администрација и воведувањето на родово одговорно буџетирање ќе се направи механизам со кој што родовата рамноправност нема да се гледа како изолирано прашање, туку како дел од сите национални политики кои се носат во државата“. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на неформалниот појадок во Виена во организација на австриското претседателство на Советот на ЕУ, а на кој присуствуваа ресорните министри од земјите на ЕУ28, ЕФТА и Западен Балкан.

Министрите дискутираа за прашањето: Како дигитализацијата придонесува за еднакво граѓанско и политичко учество на девојчињата и момчињата?

На состанокот министерката Царовска се средна со австриската федерална министерка за жени, семејство и млади, Жулиен Богнер Штраус како и со Силви Дурер, директорка на швајцарската федерална канцеларија за родова еднаквост. На средбата беше договорена понатамошна соработка.  

Напредокот во родовата еднаквост се гледа и од статистичките податоци. Во Македонија според податоците на Државен завод за статистика, во 2016 година од вкупниот број на корисници на интернет 48,7% биле жени и 51,3% мажи, овој број во 2017 година се зголемил за 76,8% за жени и 81% за мажи. Расте и свесноста на девојчињата и жените за школување. Тоа го покажуваат и бројките на застапеност на девојчињата во високото образование со 31% наспроти бројот на момчиња 22%. Додека пак бројот на девојчиња кои дипломирале на природните математички науки е поголем од бројот на мажи (2.8% во 2016 година девојчиња наспроти 1.8% во 2016 година момчиња). Додека пак  во техничките науки, бројот на дипломирани жени (5,07% во 2016 година) е помал од бројот на дипломирани студенти момчиња (8,2% во 2016 година).