18/04/2024
Македонија

Царовска: Здрава и безбедна средина за попродуктивни работници и економски раст

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа посветен на здравјето и безбедноста на млaдите работници и укинување на детскиот труд министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се обрати на настанот насловен како ​„Безбедна и здрава генерација“, во организација на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, а под покровителство на Министерството за труд и социјална политика.

Царовска истакна дека едно од основните човекови права и предуслов за успешна работа и поголема продуктивност на работникот е чување и унапредување на здравјето на работниците, прашање на коешто оваа Влада е целосно посветена. ,,Сите ние заеднички ја созадаваме таа безбедна и здрава средина за да имаме попродуктивни работници. Без продуктивни работници не може да имаме економски раст и развој на оваа држава”, подвлече Царовска при тоа честитајќи го Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Надополни дека Министерството интензивно работи на спроведување на Законите и Правилниците поврзани со ова прашање, но и ги повика сите работници и работодавачи да се придржуваат до нив затоа што, како што рече, ако младата генерација не ни биде здрава тогаш ние нема да имаме здрава млада работна сила која што е во интерес и на работодавачите и на државата.

Во таа насока МТСП пред еден месец организираше акција во која на невработените лица им беше овозможен бесплатен преглед во Институот на медицина на трудот, за да добијат потврда за нивната здравствена состојба и истата може да ја искористат аплицирајќи на работни места.

Бројот на извршените инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за труд во 2017 година во делот на безбедност и здравје при работа е 7.406 редовни инспекциски надзори и 3.552 вонредни инспекциски надзори. Бројот на смртни случаи на работници на своите работни места во 2017 година е 14, во 2016 година 15, во 2015 – 24, или просечно во периодот од 2010 до 2017 година 15 смртни случаи годишно. Инспекциските надзори во оваа област се со цел работодавачите да преземаат соодветни мерки за безбедност на вработените на своите работни места.

Со самото доаѓање на оваа Влада се зацртаа насоките на делување кои се утврдени во Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020, во која е дефинирана визијата, стратешкиот пристап, принципите, основните цели, очекуваните цели и резултати, приоритетите и клучните предизвици. Се разви и Акциски план во кој се предвидени голем број на активности насочени кон системот на управување со безбедноста и здравјето при работа преку широк партиципативен и консултативен процес, вклучувајќи ги сите засегнати страни.

За подобра имплементација на Стратегијата и Акцискиот план Советот за безбедност и здравје при работа, како експертско и советодавнио тело редовно одржува седници, дава стручни и експертски насоки за натамошно подобрување на состојбите во оваа област. И оваа година Советот со поддршка на Министерството за труд и социјална политика додели скромни признанија на компаниите со најдобри пракси за безбедност и здравје при работа за 2017 година. Во категорија на мали компании награда доби ЕВН електрани, за средни компанијата Империјал Тобако и за големи компанијата Макстил.