23/04/2024
Македонија

Централна прослава на Денот на македонската полиција во Штип

Денеска на градскиот стадион во Штип припадниците на македонската полиција во склоп на одбележувањето на 7 Мај- Денот на македонската полиција,  и презентираа на јавноста дел од своите можности преку низа показни вежби. Граѓаните имаа можност да се уверат во подготвеноста на македонската полиција за справување со различни предизвици.

После сите премрежја и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, денеска можам слободно да кажам дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – да биде најцврстиот столб кој ја гарантира државноста, Јадро на сигурноста и безбедноста на Република Македонија и во исто време, полиција – пријател и заштитник на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање .

„Заштитата на граѓаните извира од работата на Министерството за внатрешни работи. Тоа е голема обврска, но и огромна чест што им е доверена на полициските службеници.

Денеска сакам посебно да им се обратам на полициските службеници. Ве повикувам да продолжите да ја вршитевашата одговорна работа согласно Законите и Уставот на Република Македонија. Вие сте првоповиканите, првите кои сте изложени на ризик кога треба да се брани државата и безбедноста на граѓаните. И да знаете, вашата одговорност е препознаена и признаена, тоа граѓаните го ценат и почитуваат! Вашите заслуги имаат одлучувачка улога за сегашноста и иднината на многу генерации. Од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име сакам да ви го честитам денот и да ви изразам голема благодарност за вашата посветеност и пожртвуваност при вршењето на вашите должности и работни обврски“, рече премиерот Заев.

Министерот Спасовски им го честита Денот на полицијата на сите припадници на македонската полиција и ги повика со заеднички напори да придонесат за враќање на угледот на МВР.

„Велат, секое време носи нов предизвик. А секој следен предизвик е поголем и покомплексен од претходниот. Сите посакуваме да живееме мирно и безбедно. Да бидеме сигурни додека сме со семејството, пријателите, додека сме на работните места, додека одиме по улица, шетаме во парк, во трговски центар. Ова се очекувањата на граѓаните. Овие очекувања се обврска за припадниците на министерството. Да се гарантира јавниот мир и безбедност, да се бориме против корупцијата, да го сузбиеме организираниот криминал, да се спротиставиме на насилниот екстремизам и радикализам се клучните предизвици, кои се одговор на сериозните закани на денешното современо живеење. Денес, во услови на стабилна политичка и општествена состојба можеме да зборуваме на овие теми. Можеме да ги пишуваме и спроведуваме стратешките документи за справување со глобалните закани. Но, пред само една година, Македонија се соочи со сериозно нарушена безбедност и загрозен уставен поредок. Бевме на работ на граѓанска војна и нови жртви за нечии себични интереси. Мотивите и причините се добро познати, но креаторите и извршителите не смеат да останат неказнети. Особено не оние кои ја злоупотребија полицијата и се обидоа да ја свртат против својот народ. Денес, во Министерството за внатрешни работи не се одржуваат состаноци на кои се креираат и монтираат случаи заради политичка или лична нетрпеливост. Денес, во министерството се работи на расчистување на криминални дејствија и организирани групи кои ги загрозуваат интересите на граѓаните и државата“, рече министерот Спасовски.

Тој потенцира дека високо на агендата на МВР се реформските процеси преку кои се враќа довербата на граѓаните во полицијата.

-Го реформираме системот за следење на комуникациите, ја зајакнуваме надворешната контрола над полицијата, ја интензивираме соработката со граѓанските организации, дозволуваме да бидеме контролирани и критикувани. 1 И додека сите сме фокусирани на исполнување на очекувањата на граѓаните и јавноста, јас ќе ја превземам одговорноста и ќе зборувам и за очекувањата на припадниците на македонската полиција. Само добро опремена полиција може да се справи со предизвиците на новото време. Само задоволни припадници на полицијата може да одговорат на барањата на граѓаните. Единствено добро обучени и соодветно школувани личности може да носат правилни и разумни одлуки. Затоа, покрај соочувањето со глобалните предизвици, се справуваме и со затекнатите долгови, немањето униформа, лошите услови за работа, вработување со несоодветно искуство и образование. Слика што не доликува на министерство за внатрешни работи на земја која сака да биде дел од НАТО и Европската унија“рече Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека сега одлика на МВР е домаќинското и чесно работење. 

„Единицата за специјални задачи – Тигри, веќе ги доби новите униформи. Тендерите се спроведуваат согласно законот и за помалку пари се добиваат поголеми и поквалитетни услуги, ама тоа е така затоа што провизијата не постои. И затоа, и покрај наследени милионски долгови, со разумно трошење и пренамена на средствата, за прв пат после многу години од 1 декември 2018, 4.900 полицајци ќе добијат покачување на платата, кое на годишно ниво министерството ќе го чини 79 милиони денари. Од свои средства, министерството обезбеди униформа за единиците, се купија дрегери и радари, се опремуваат полициски станици и работни простории. Ова успеавме да го направиме за помалку од една година, а истовремено да одговориме на глобалните предизвици. Ова е почетокот на создавање на нов лик на министерството. Одговорно, професионално и посветено се клучните постулати на нашето работење. Идни колеги кандидати за полицајци, и сите млади кои се гледате себеси во боите на полициската униформа, ви порачувам: ни требаат млади, чесни и одговорни полицајци кои ќе бидат дел од македонската полиција и ќе бидат наша гордост. Во овие редови има место за секој оној кој сака да му се спротистави на злото, а да застане на страната на правдата. Почитувани старешини во македонската полиција, Ви се обраќам Вам. Ваша единствена должност е да ја штитите Република Македонија. Затоа кога ги издавате Вашите наредби за дејствување не заборавајте дека државниот интерес е над сите интереси“, рече министерот Спасовски.