19/04/2024
Македонија

Честитки до претседателот Пендаровски по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, писма со честитки до претседателот Пендаровски испратија следниве шефови на држави.

Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета II со посебно задоволство го честита државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на народот на Република Северна Македонија.

Кралот на Холандија, Вилем Александер, во честитката упатува желби за благосостојба на граѓаните на Северна Македонија. „Додека ја одбележуваме оваа пригода, сакам да истакнам дека пандемијата на КОВИД-19 претставува невиден предизвик за сите нас. Ви посакувам вам, на вашата влада и на граѓаните на Северна Македонија сила, храброст и здравје, бидејќи заедно ги продолжуваме напорите за надминување на коронавирусот, стои во честитката од холандскиот крал.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во име на американскиот народ, честитајќи го Денот на независноста, 8 Септември, вели дека оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија, но и покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а нашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. „Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак. Соединетите Држави се горди што се ваш сојузник и ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и вашиот пат кон членство во Европската Унија“, стои во честитката од американскиот претседател.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин во честитката посакува добро здравје и успеси, а на сите наши граѓани мир и добробит. „Уверен сум дека унапредување на конструктивна билатерална соработка меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија би им одговарало на интересите на нашите народи, би придонесувало за зацврстување на безбедноста и стабилноста на Балканот“, пишува во честитката од рускиот претседател.

Претседателот на Народна Република Кина, Си Џипинг, упатувајќи честитки по повод Денот на независноста, истакнува дека односите меѓу двете држави се стабилни и со практична соработка во различни области се движат во нагорна линија. „Од појавувањето на КОВИД-19, нашите две земји и два народа се поддржаа едни со други за да се борат против епидемијата солидарно и го продлабочија нашето традиционално пријателство. Јас придавам големо значење на развојот на односите Кина – Северна Македонија и подготвен сум да соработувам со вас, да промовирам билатерални размени и да ја збогатам суштината на нашите односи со заедничка надградба на „Еден појас – еден пат“ и соработката меѓу Kина и земјите од Централна и Источна Европа како платформа, со цел да се постигне поголем развој на нашата пријателска соработка во новиот историски период, а за бенефит на нашите две земји и два народа“, пишува во честитката кинескиот претседател.

Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, честитајќи го Денот на независноста, во честитката ја искажува неговата, како и солидарноста на францускиот народ кон македонското население кое, исто така, е погодено од пандемијата со Ковид-19.  „Ви ја упатувам и мојата срдечна благодарност за помошта при репатријација на француски и европски државјани на почетокот на кризата. Европската Унија, одобрувајќи повеќе од 3 милијарди евра за помош на земјите од Западен Балкан со соочувањето со оваа криза без преседан, ја покажа својата целосна посветеност за овој регион“, пишува францускиот претседател. Претседателот Макрон во честитката посакува билатералните односи да продолжат да се зајакнуваат, додека француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка на Франција за економски и социјален развој на регионот, благодарение на претстојните активности на Француската агенција за развој во Северна Македонија на поле на трајниот развој. „Оваа 2020 година беше важна етапа во евро-атлантското приближување на Северна Македонија, која стана 30-та членка на Атлантската Алијанса, на 27 март 2020 година. Ја поздравувам одлуката од 25 март на Советот на Европската Унија за отворање на преговорите за членство на вашата земја. Бидете убеден дека ја имате целата моја поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. По одлуката на Советот од 25 март, посакувам што побрзо да се утврди преговарачката рамка. Франција ќе следи дали истата сооодветно ја одразува новата методологија за проширување и ќе продолжи да ги поддржува неопходните реформи за постигнување напредок на Северна Македонија кон Европската Унија, особено на поле на владеењето на правото кое е во сржта на европските вредности“, пишува во честитката од францускиот претседател.

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во честитката вели дека блиската соработка и пријателските односи меѓу двете држави, кои се засноваат на моќните заеднички историски, општествени и културни вредности, со официјализирањето на членството во НАТО на Северна Македонија се зајакнати и со односот на сојузништво. „Се надевам дека досегашните ваши успеси во насока на интеграција во ЕУ, во најскоро време ќе резултираат со членство во Европската Унија. Нашата земја која уште од самиот почеток ја поддржуваше Северна Македонија во интеграцијата со Европа и евроатлантските структури, за време на тешкиот период од соочувањето со пандемијата на КОВИД-19 низ кој минуваме, искажа напори за доставување на максимално возможна медицинска помош до нашата пријателска Северна Македонија“, пишува во честитката турскиот претседател, уверувајќи дека ефикасната соработка на билатерално ниво и на ниво на мултилатерални платформи и во следниот период ќе продолжи.

Претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу упати искрени честитки и срдечни желби за напредок, развој и просперитет на Република Северна Македонија и нејзините граѓани. „Нашите билатерални односи влегоа во нова ера. Со нетрпение очекувам постојано проширување и продлабочување на тесната соработка и синергијата помеѓу нашите две земји во сите области од заеднички интерес, согласно Договорот од Преспа“. Грчката претседателка во честитката пишува за важноста од целосна и систематска имплементација на Договорот од Преспа што е во заеднички интерес на двете земји, како и во интерес на стабилноста и развојот на регионот, што сè уште се соочува со важни предизвици. „Би сакала да истакнам дека Грција цврсто го поддржува курсот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, во согласност со правилата што важат за пристапувањето на секоја нова членка во Европската Унија и за добрососедските односи, пишува грчката претседателка изразувајќи очекување за конструктивна и тесна соработка за проширување и продлабочување на билатералните односи и партнерството, како што доликува на две соседни и пријателски земји.

Претседателот на Република Унгарија, Јанош Адер, во честитката пишува дека нашата земја може да биде горда што постигна важни пресвртници на патот на евроатлантските интеграции, како што се членството во НАТО и одлуката за започнување на преговори за пристапување во ЕУ. „Ве уверувам дека Унгарија ќе продолжи да ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција“, пишува во честитката унгарскиот претседател и додава дека односите меѓу Унгарија и Северна Макеедонија се одлични и изразува надеж дека и понатаму ќе се зајакнуваат политичката, економската и културната соработка меѓу двете држави во иднина.

Претседателката на Швајцарската Конфедерација, Симонета Сомаруга во честитката по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, вели дека добрите односи базирани на доверба меѓу двете држави овозможуваат заедничко справување со големите глобални предизвици. „Со нетрпение очекувам да работам со вас за да ги надминеме овие предизвици. Вам и на граѓаните на Република Северна Македонија им посакувам среќа, просперитет и успех во иднината“, пишува во честитката швајцарската претседателка.

Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, пристигна и од претседателот на Романија, Клаус Јоханис.

Украинскиот претседател Володимир Зеленскиј во честитката пишува дека ги цени традиционално пријателските односи меѓу двете држави и изразува благодарност за поддршката на Северна Македонија на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. „Убеден сум дека заедничките приоритети на европската и евроатлантската интеграција се солидна основа за ефективно реализирање на постојниот потенцијал на нашата билатерална соработка. Користејќи ја оваа пријатна прилика, Ви посакувам, Ваша Екселенцијо, добро здравје и успеси во одговорните државни активности, а на пријателскиот народ на Северна Македонија – мир и хармонија“, се вели во честитката од украинскиот претседател.

Претседателот на Република Молдавија, Игор Додон, во честитката изразува задоволство од пријателските односи и соработка меѓу двете држави што динамично се развиваат, како и силната желба на неговата земја за развивање и јакнење на билатералните односи. „Мое убедување е дека успесите на вашата земја ќе станат важни одредници за продлабочена билатерална соработка“ пишува во честитката претседателот на Молдавија.

Генералната Гувернерка на Канада, Џули Пајет, во честитката по повод Денот на независноста, пишува дека и двете земји се посветени на евро-атлантските вредности коишто беа истакнати за време на средбата меѓу претседателот Пендаровски и премиерот на Канада, Џастин Трудо. „Канада ја поздрави Северна Македонија во НАТО во март, како 30-та членка на Алијансата и ние продолжуваме да ги поддржуваме вашите напори за напредок во процесот на пристапување во Европската Унија. Уверена сум дека ќе продолжиме да се придржуваме кон заедничките цели и наредната година, водени од нашите заеднички идеали и заеднички интереси“, пишува во честитката Генералната Гувернерка на Канада.

Генералниот Гувернер на Австралија, Дејвид Харли, во честитката изразува доверба дека пријателските односи меѓу двете држави ќе продолжат да просперираат во годината што следува. „Солидарноста на меѓународната заедница е поважна од кога и да било, за светските нации да работат заедно во справувањето со предизвиците од вирусот КОВИД-19“, стои во честитката од Генералниот Гувернер на Австралија.

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, писма со честитки до претседателот Пендаровски испратија и Неговото Кралско Височество Мохамед бин Салман бин Абдулазиз Ал Сауд, Престолонаследник, Заменик премиер и министер за одбрана на Кралството Саудиска Арабија, Кралот на Мароко, Мохамед VI, претседателот на Египет, Абдел Фатах Ал Сиси, претседателот на Палестина, Махмуд Абас, претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, претседателот на Монголија, Халтмагин Батулга, како и генералната секретарка на Меѓународната организација на франкофонијата, Луиз Мушикивабо.