29/03/2024
Македонија

Честитка од претседателот Иванов по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Денешниот ден, 22 Ноември, е поврзан со Битолскиот конгрес одржан далечната 1908 година на кој Албанци – интелектуалци од Балканот ја унифицирале албанската азбука.

Создавањето на азбуката е еден од основните културни дострели и белег на националното идентификување на еден народ.

Албанскиот јазик е составен дел од културното богатство во Република Македонија. Со неговото одбележување ние ги потврдуваме нашите заложби за градење на заедничка, подобра и посветла иднина.

Меѓусебното почитување на разликите треба да биде поттик за меѓусебно зближување, а не за разединување во македонското мултиетничко општество.

Како граѓани на нашата заедничка држава ние треба да се држиме заедно и да бидеме пример како заеднички се работи за доброто на Република Македонија, бидејќи само сплотени околу државните интереси ќе успееме да се справиме со предизвиците.

Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани сакам да им порачам дека само со негување и со вреднување на нашите културни и јазични различности ќе успееме да изградиме просперитетна иднина, иднина за сите граѓани во Република Македонија.