29/03/2024
Македонија

Честитка од претседателот Иванов по повод државниот празник 8 Декември – Свети Климент Охридски

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија како и на сите православни верници во земјата и во странство, да ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот празник св. Климент Охридски.

Денешниот ден е посветен на најискусниот и најпросветениот ученик на светите Кирил и Методиј, а тоа е нашиот голем народен светител и просветител – Свети Климент Охридски. Поаѓајќи од неговата длабока вера во Господ Исус Христос, Св. Климент неуморно работел на образовно, морално, етичко и духовно издигнување на народот на Македонија. Не давајќи им сон на своите очи, тој кај луѓето ги всадил позитивните навики на срцето – солидарноста, трудољубивоста, гостопримливоста, трпението, милоста. Овие навики кои станале дел од колективниот карактер на народот, ни помогнале не само да ги пребродиме бурите на историјата, туку и да изградиме автентичен македонски модел на соживот и почитување на различноста.

Во изминативе години исполнети со политички кризи, за жал, дел од овие навики паднаа во заборав. Во основата на сите кризи е моралната криза. Единствен начин како трајно да се надмине политичката, е, пред се, да се надмине моралната криза на нашето општество, преку враќање кон трајните морални и етички вредности и принципи кои пред повеќе од 11 века ни ги пренел Св. Климент Охридски. Така ќе успееме да изградиме хумано и праведно македонско мултиетничко и мултирелигиско општество.

Нека ни е за многу години празникот.