28/03/2024
Македонија

Честитка од претседателот Иванов по повод почетокот на рамазанските пости

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви упатам честитки по повод почетокот на рамазанските пости.

Во исламот, Рамазан е светиот месец, тоа е месец на молитва, добрина, простување, милосрдие и љубов. За време на Рамазан се слави духовното воздигнување и телесното прочистување.

Деновите на пост се можност за секој верник да го отвори своето срце кон великодушноста и хуманоста, помагајќи им на сиромашните и изнемоштените, и молејќи се за простување на своите гревови.

Нека овој празник биде поттик за меѓусебно помагање и почитување бидејќи само заедно, почитувајќи ги разликите ќе успееме да изградиме посветла иднина за сите граѓани на Република Македонија.

Во духот на празникот Ви посакувам лесни рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и проштавање.