20/04/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Северна Македонија.

Почитувани сограѓани Албанци,

Дозволете најсрдечно да ви го честитам 22 Ноември, Денот на албанската азбука, воедно посакувајќи ви, пред сè, добро здравје и благосостојба.

На 22 ноември пред 112 години видните албански интелектуалци од целиот Балкан се собраа во Битола за да ја унифицираат албанската азбука. Токму овој чин е основа за кодифицирање на албанскиот литературен јазик и меѓник за развојот на албанската култура и духовност, и столб на национална себеидентификација. Горди сме што Денот на албанската азбука веќе 14 години е државен празник со кој се гордеат не само Албанците, туку и сите граѓани на нашата татковина.

Почитувани,

Јазикот и културата се фундаменти на секој народ и нивната негација значи обид за ништење на националната припадност. Во 21 век таквите обиди не можат да наидат на плодна почва и ќе бидат осудени на неуспех.

Би сакал да ја искористам оваа можност и во време кога сме во кризна состојба предизвикана од пандемијата со Ковид-19, уште еднаш да апелирам да останеме сплотени, солидарни и одговорни и да се заштитиме себеси, најблиските и целата заедница.

Нека е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука.

Стево Пендаровски