24/04/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Богојавление – Водици

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

„Почитуван г.г. Стефан,

Имам особено задоволство и чест Вам лично и на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици, и да Ви посакам да го поминете во мир, радост и среќа.

Богојавление не потсетува на значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на христијанската вера. Преку овој чин на ново, духовно раѓање се потврдува смислата на суштествувањето на секој верник. Да не дозволиме во постојаната борба со материјалните предизвици нашите животни врвици да останат без идејна и морална крепост и да продолжиме да се стремиме кон зачувување на духовните вредности.

На Водици кога се осветуваат водите, посакувам најискрено во срцата на сите верници да се вселат мирот, хармонијата, љубовта и милосрдието кои ќе ги споделуваме со сите наши сограѓани придонесувајќи за наша лична и добробит на целата заедница.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!“- стои во честитката.