25/04/2024
Охрид

Честитка од СДСМ – Охрид по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј

„Редно е и овој 24 Мај на Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј да се потсетиме и да го чествуваме нивното дело.

Светилниците на словенската цивилизација и писменост Св. Кирил и Методиј се избориле за правото на употреба на старословенскиот јазик во богослужбата, докажувајќи дека не постојат мали и безначајни јазици. Прелистувајќи ги страниците на историјата јасно е дека Кирил и Методиј имаат и ќе имаат високо место во колективната историја на сите од словенски род. Познати се нивните мисии кај Сарацените,Брегалничката мисија, Хазарите и Аланите и последната и најпознатата нивна мисија во Велика Моравија и таа во Панонија. За мисијата во Велика Моравија, браќата Константин и Методиј создале посебна азбука според јазикот кој го зборувале Словените, составена од 38 букви, наречена Глаголица. Превеле дел од Библијата на словенски јазик и неколку богослужбени книги. Тие насекаде го ширеле христијанството и словенското писмо и јазик. Нивната визија и вредностите што ги промовираа и по повеќе од десет века се актуелни и релевантни и денес.

На тлото на денешна Северна Македонија и пошироко, делото на светите Кирил и Методиј го продолжија нивните ученици Св Климент и Св. Наум. Од Климентовиот универзитет произлегле над 3500 ученици. Тие токму од нашиот Охрид, ја продолжиле мисијата на првоучителите за ширење на словенската писменост и јазик. Не смее да се заборави дека празникот е темел и на македонското јазично, културно и духовно суштествување како рамноправен народ во семејството на словенските народи.

Денес ги чествуваме светите Кирил и Методија а оваа година на многу начини, достојно одбележуваме и 100 години од раѓањето на втемелувачот и кодификаторот на македонскиот современ македонскли литературен јазик Блаже Конески.

Нека ние честит 24 Мај – Денот на светите Кирил и Методиј.“ – стои во честитката од ОО на СДСМ Охрид.