19/04/2024
Охрид

Честитка од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид по повод Денот на независноста на Република Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати честитка по повод празникот 8 Септември – Денот на Независноста на Република Македонија.

„Единствени во намерата да бидеме свои на своето, пред 27 години храбро, решително и одговорно на 8 септевмри 1991 го остваривме вековниот сон на нашите предци за слободна, независна и суверена Република Македонија. Заветот на нашите предци е сигурен пат за нашите потомци. Пат кој води кон идејата за заедничка иднина на државата, единствена, меѓународно признаена и почитувана Република Македонија.

Антидржавните и антинационалните политики преку тргување со највисоките државни и национални интереси не смеат да се дозволат. Само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина со која ќе ја чуваме и браниме нашата слободна и независна држава.

Ние сме Македонци, а нашата држава е Република Македонија. Република Македонија ќе излезе посилна и ќе продолжи да чекори кон просперитетна иднина, политички и економски силна, развиена и стабилна држава, а Охрид успешно и пријатно место за живеење на секој граѓанин.

Честит и вековит 8 Септември, Денот на Независноста!

Нека е вечна Република Македонија!“ – стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.