24/04/2024
Македонија

Честитки од Мицкоски по повод Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј

Честитка по повод празникот Рамазан Бајрам од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за граѓаните од исламска вероисповед

Почитувани верници од исламска вероисповед, дозволете ми од мое и од име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам празникот Рамазан Бајрам.

Ви посакувам добро здравје, среќа, мир и благосостојба во вашите домови. Денешниот празник не учи на хуманост, меѓусебно помагање и почит еден кон друг. Традицијата е она што не обединува, а не што не разделува, со векови христијаните и муслиманите живееле на овие простори и заеднички празнувале, се радувале, но и тагувале. Треба и да продолжиме понатаму градејќи заедничка иднина за Македонија.

Само заедно и сплотени можеме да изградиме држава во која нашите деца ќе сакаат да живеат, наместо среќата да ја бараат што подалеку од своето родно огниште.

Живееме во тешки времиња кога целиот свет се справува со светска пандемија, сите граѓани без разлика на верската и етничката припадност го споделуваат тешкиот живот. Покрај здравствената криза имаме и тешка економска криза, и силна ерозија на моралните вредности. Живееме во време кога правдата не е достижна, кога власта е прва во рекетот, наместо справување со него, кога наместо едно општество за сите, прави поделби, внесува раздор и прави дискриминација. Делиме исти маки, исти проблеми, една заедничка судбина, и затоа одлуките ќе ги донесеме заеднички и заеднички ќе се избориме за обнова и подобра иднина.

Уште еднаш од се срце Ви посакувам овие празнични мигови и енешниот ден да Ви донесат среќа и благосостојба на вам и вашите семејства.

…..

Честитка по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј

Дозволете ми од мое и од име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам државниот празник, Денот на сесловенските просветители и учители, Св. Кирил и Методиј.

На овој ден Св. Кирил и Методиј ја започнуваат Моравската мисија на која ја шират првата словенска азбука, глаголицата. Со своето творештво македонските просветители даруваа многу народи со писменост, просветлувајќи го патот на развојот и културното издигнување.

До ден денес Македонците и светот им се благодарни на македонските просветители, чествувајќи го нивното дело.

Со своето творештво Светите браќа овозможија рамноправност на милиони луѓе, нивното учеење треба да ни биде ѕвезда водилка и во овие тешки мигови кога Македонија и Светот се соочуваат со светска пандемија, кога дома имаме економска криза и тежок живот. Нивната хуманост, посветеност и пожртвуваност нека ни биде пример за тоа како и ние треба да ги живееме своите животи, алтруистички помагајќи си еден на друг, бидејќи напредокот мора да биде заедничка цел и мисија. Само така ќе ги надминеме предзвиците и ќе создаде подобро утре за сите нас.

Нашиот јазик е нашата татковина, велеше Блаже Коневски, а нашето писмо е светлината со која се издигнуваме и културно развиваме, наше идентитетско обележје и доказ дека постоиме. Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет, и наша обврска е да се избориме за почитување на нашето наследство што е заложбина и аманет на нашите предци. Така ќе се почитуваме и себе си.

Уште еднаш нека ни е честит овој голем празник Денот и Големото дело на светите Кирил и Методиј.