18/04/2024
Македонија

ЦИВИЛ повикува на свест, совест и одговорност

Во инбоксот на мејл адресите и Фејсбук страницата на ЦИВИЛ секојдневно пристигнуваат десетици прашања, информации и коментари поврзани со КОВИД-19, вонредната состојба, полицискиот час и низа други теми. Голем дел од тие обраќања се однесуваат на непочитувањето на полицискиот час, на упатствата за заштита од вирусот и на лажните вести поврзани со КОВИД-19.

Пред сѐ, најважно е граѓанките и граѓаните да знаат дека мерките мора да се почитуваат целосно и бескомпромисно. Безбедноста, хигиената и почитувањето на владините мерки и препораки имаат животно значење во денешно време.

Во ниеден случај, под никакви услови, НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАГРОЗУВА СОПСТВЕНОТО ИЛИ ТУЃОТО ЗДРАВЈЕ. Мерките за самоизолација, ограниченото движење, одржување на растојанието меѓу луѓето, хигиената се мерки со кои се спасува живот, дословно и конкретно. Се работи за животот на секој поединечно, животот на членовите на семејството и на сите заедно. Загрозувањето на било чиј живот е забрането со закон и со сите морални норми. Неодговорноста, поединечна или колективна е загрозување на животот. Да се биде неодговорен во денешно време може да значи и предизвикување на нечија смрт.

Институциите функционираат добро, можеби најдобро во целиот регион и пошироко. Се нижат признанијата за тоа дека државните институции на Северна Македонија се пример во светски рамки за навремено и ефикасно справување со светската криза. Тие се платени за тоа, поставени се за заштита на населението и во нив работат луѓе, наши сограѓанки и сограѓани. Затоа, бесмислено е да не им се верува ним, а да им се верува на неодговорни поединци и групи што се заинтересирани за политичка, финансиска или друг облик на добивка. За секое прашање и за секој облик на загрозување или непочитување на мерките, граѓанките и граѓаните имаат можност, но и обврска, да се обратат до надлежните институции.

Нема ништо погрешно во тоа да се заврти бројот 192 (полиција) и да се пријави неодговорно и противзаконско однесување. Довербата во институциите подразбира будност, кооперативност и поддршка. Солидарноста меѓу луѓето и чувањето на здравјето и животот се манифестираат со целосно следење и почитување на владините мерки и препораките од здравствените институции. Компромис тука нема!

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да бидат свесни, совесни и одговорни кон себе и кон другите. На лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата кои, за жал, не стивнуваат, секој од нас треба да им се спротивстави со пријавување и осуда. И тоа е начин да се помогне во борбата против заканата од коронавирусот (КОВИД-19). Митовите, манипулациите и дезинформациите за КОВИД-19, колку и да изгледаат наивно или дека се плод на фантазија или незнаење, можат да го загрозат здравјето и животот на многумина. Мора да им се застане на патот.

Вонредната состојба и бројните ограничувања, иако се насочени кон заштита на јавниот интерес, здравјето и животот на луѓето, создаваат и простор да се манипулира со јавната свест и да се кршат човековите права. ЦИВИЛ будно внимава на кршењето на човековите права и слободи и во овие тешки услови. Секој случај на кршење на човековите права и слободи треба да се забележи, а јавноста и институциите мора да реагираат соодветно и без двоумење.

Тимовите на ЦИВИЛ се на теренот и онлајн. Остануваме посветени на придонес кон борбата против ширењето на коронавирусот, но и против лажните вести, злоупотребите и кршењето на човековите права и слободи.

Чувајте се себеси и другите. Ви благодариме на поддршката и довербата.

#СедиДома и кажи НЕ за неодговорноста, ДА за општото добро.