ЦЈЗ: Угостителите и станоиздавачите задолжително да извршат превентивна дезинфекција

Во рамки на своите законски надлежности и овластувања, а во пресрет на Велигденските празници кога се очекува голем број гости да ги посетат Охрид и Струга, како и за претстојната туристичка сезона, Центар за јавно здравје Охрид ги потсетува и повикува сите даватели на угостителски услуги во куќи, апартмани и соби за одмор (станоиздавачи) во Охрид и Струга да се обратат до Одделението за Епидемиологија при Центар за јавно здравје Охрид и ПЕ во Струга со цел спроведување на задолжителната превентивна дезинфекција на просторот кој се користи за давање на угостителски услуги согласно Законот за заштита на населението од заразни болести (Сл.Весник на РМ бр. 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014 и 150/2015).

Центар за јавно здравје Охрид подготви посебни, поволни пакети на услугите за дезинфекција, за станоиздавачите, а мобилните екипи ќе бидат подготвени секој работен ден и сабота со потребната опрема и средства да одговорат на барањата и потребите на угостителите (станоиздавачите) за навремено и ефикасно спроведување на превентивната дезинфекција со цел намалување и избегнување на ризиците од појавата на заразни заболувања.

За дополнителни информации и закажување на услугата (дезинфекција) станоиздавачите можат да се обратат во просториите на Центар за јавно здравје Охрид или на телефоните 046 231 030 и 070 723 029.