25/04/2024
Охрид

Црвен крст Охрид со низа активности за празникот Водици

Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление – Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната дејност.

На 18.01.2022 (вторник) од 19:00 – 23:00 часот, на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 7 °C.

 

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2022“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2022 (среда) од 9:00 – 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Нашите сограѓани и гостите може да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.

За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2022 (среда), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.

Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление – Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:

Со оглед на ниската температура на водата во Охридското Езеро (кај пристаништето 7 °C), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат  за 19.01. (околу 4 °C), северен ветар со брзина од околу 2 m/s,  Црвен Крст повикува на исклучително високо внимание, сериозност и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското Езеро.

  • Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем.
  • Да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај. Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
  • Оние што ќе влегуваат во вода во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 3 минути). Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
  • Да облечат обувки при влегување во вода.
  • Да имаат сува и топла облека по излегување од вода.

За сите кои што ќе бидат дел од настанот на Градксото пристаниште на копно, се препорачува:

  • да облечат повеќеслојна облека.
  • да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај.


WebOhrid / 18.01.2022 / Црвен крст Охрид