23/04/2024
Охрид

Црвен крст Охрид со низа активности за Водици

Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.

И оваа година во пресрет на празникот, на 18.01.2018 (четврток), во 13 ч. традиционално Градоначалникот на општина Охрид-Локалната самоуправа обезбеди и во соработка со Црвен крст Охрид ќе подели 50 хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на 50 социјално загрозени семејства од Охрид.

На 18.01.2018 г. (четврток) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 7.6 °C.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2018“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2018 (петок) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.

За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2018 (петок), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат и „скокачите по крстот“ во с. Пештани и во Св.Наум.

На денот на рибарите на 20.01.2018 (сабота), тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:

Со оглед на ниската температура на водата во Охридското езеро – (кај пристаништето 7.6°С), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19.01. (околу 5°С), југозападен ветар со брзина од околу 20 км/h и разбранато езеро, повикуваме на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се решат да влезат во водите на Охридското езеро:

  • Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
  • Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 5 мин.)

Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.

  • Никако да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај

Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.

  • Да носат обувки

За сите кои ќе бидат дел од настанот на Градското пристаниште на копно, препорачуваме:

  • да облечат повеќеслојна облека
  • да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај