19/04/2024
Дебрца

Дебрчани масовно кажаа „НЕ“ за изградба на регионална депонија во Годивје

Со биење на црковните кампни и блокада на сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, дебрчани уште еднаш категорично се спротивставија на владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје.

„Премиере, вие баравте од нас глас, ние бараме од вас спас“, „Годивското поле е нашето свето огниште, а не ваше регионално сметилиште“, „Сакаме здрав и чесен живот, а не долга и болна смрт“, беа само некои од пораките кои жителите на Дебрца ги упатија до надлежните.

protestdebrca2

protestdebrca

Ова е местото со кое ќе се гордее Македонија во иднина, место каде луѓето ќе бидат здрави и каде што болните ќе го побараат своето здравје, истакна Јадранка Бибан од Координативното тело.

„Не може да се реализира идејата за изградба на депонија додека народот се спротивставува, а народот нема да пристане на реализиација на таква идеја. Всушност Владата ние ја избравме, таа не е странска, институциите се наши и тие треба да работат по нашите желби и потреби и за доброто на сите,“ подвелече Бибан и изрази надеж дека овој чекор ќе биде последен и ќе ја стимулира Владата навистина да развие јавна дебата и да ги преиспита своите одлуки.

Во спротивно, најави таа, ако се продолжи со намерата регионалната депонија за југозападниот дел да биде во Дебрца, протестите ќе продолжат, а ќе се преземат и други акции.

jadrankabiban

„Нашите аргументи зошто сме против се непобитни. Би настанала еколошка катастрофа како последица на таков објект во Дебрца, на избраната локација постојат седум вредни археолошки наоѓалишта, а депонијата ќе доведе и до целосно деструирање на еколошката рамнотежа на Дебрца“, рече Бибан.

„Дебрца не ја гледаме само како еколошки чиста средина, Дебрца има многу аспекти со кои сама се брани, како создател на македонската држава, археолошки е златен рудник на историјата, културолошки е создател на многу нешта кои започнале за првпат во нашата земја. Дебрца е изворот официјално на најчистата питка вода во Европа со официјално најголемиот извор Сини вирови“, подвлече Бошко Ставрески, член на координативно тело.

А еве што изјавија и дел од присутните, кој по потекло се од Дебрца.

„Изненадени сме од начинот којшто го избрал некој за да формира депонија.Ние не се согласуваме, овој крај секогаш е чист и чист ќе остане во смисла на природата. Никој нема човек во Дебрца кој ќе се соглси да се формира депонија на овој простор“, вели пензиониран прсветен работник од с.Годивје.

penzionergodivje

„Најчистото место во Македонија, а некој да одлучи од неколку региони тука да се носи отпад, дебрчани нема да дозволат. Доколку се реализира ваквата идеја, ќе се преземат радикални мерки, како прво граѓанска непослушност. Нема да се дозволи во овој регион да се таложи отпдт од повеќе градови. Перспективата е во овој регион да има рурален туризам,да се населат млади“, рече Павел Попоски.

pavelpoposki

Поддршка жителите добија и од градоначалникот Зоран Ногачески.

„Целта на овој протест е уште еднаш граѓаните да кажат „не“ на решението кое го подготвува Министерството за животна средина и просторно планирање за локација за изградба на регионална депонија во село Годивје. Сакаме да го поврориме она што граѓаните го кажаа на референдумот што се одржа во октомври лани. Никој нема право ниту јас како градоначалник ниту советот да оди против таквата одлука. Инаку ние сме имале заедничка координативна средба во организација на ЗЕЛС и со премиерот и со министерот за животна средина“, рече Ногачески.

zorannogaceski

Од Партијата на пензионерите, кои го поддржаа протестот, побараа од премиерот самиот да си ја отповика одлуката на Владата, а да се повика на сосптвените зборови дадени лани во Белчишта дека ќе го спречи токму она што денес сака да го гради.

На протестот против изградба на депонија во Годивје дојдоа и градоначалникот на Охрид, дел од советниците, потоа пратеници во македонското собрание од Охрид, како и претставници од политички партии.

Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца.

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес