19/04/2024
Македонија

Демократски сојуз: Избор на судии на Уставен суд без критериуми

На прес-конференција во врска со изборот на судии на Уставниот суд, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз го нагласи следното:

„Демократскиот сојуз смета дека треба да се создадат услови за работа на Уставниот суд, преку избор на судии, но тоа треба се одвива во транспарентна постапка и утврдени  критериуми.

Судија на Уставниот суд може да биде истакнат правник, без да се објасни врз основа на кои критериуми се дефинира истакнат правник, понатаму нема други критериуми, професионално искуство, степен на образование или специјализација (правосуден испит, магистер, доктор на науки и сл.), објавени научни трудови и други мерливи критериуми.

Нема конкурс или барем јавна објава за избор на судии, за да можат заинтересираните да се пријават.

Нема постапка кои кандидати и како ги утврдува и предлага Судскиот совет, Комисијата за избори и именување при Парламентот и Претседателот на Македонија.

Досега повеќето од судиите се предлагаат од партиите, при што изборот првенствено зависи од партиите кои го прават парламентарното мнозинство.

Уставниот суд во изминатите триесет години функционираа под притисок и диктат на партиите, поради што се неопходни промени при изборот и истиот да се одвива во транспарентна постапка и  врз основа на цврсти и јасни критериуми.

За поставеноста и работата на Уставниот суд треба да се донесе закон, а не тој да работи врз основа на деловник.

Уставниот суд е “чувар” на Уставот и слободите и правата на граѓаните.

Судија на Уставниот суд е највисока и престижна функција.

Судиите имаат имунитет, мандатот трае девет години и не можат да бидат отповикани.

Платата на судија на Уставен суд е близу двојно поголема од платата на пратеник и повисока од платата на премиерот и министрите, но заостанува во однос на платата на уставните судии од соседните држави.“ – истакна Трајанов.


WebOhrid / 03.03.2022 / Демократски сојуз