28/03/2024
Македонија

Демократски сојуз: Македонија една изборна единица

„Демократскиот сојуз ја поздравува иницијативата на министерот за правда Бојан Маричиќ за промена на изборниот модел за локалните избори и воведување отворени листи, но оценуваме дека овој чекор не е доволен за демократизација на политичкиот систем и рамноправни услови за изборен натпревар на сите политички субјекти.

Демократскиот сојуз смета дека периодот по завршувањето на изборите и формирањето на владата е вистински момент за промена на изборниот модел и за следните парламентарни избори. Поради тоа, предлагаме да се формира работна група составена од пратеници и експерти која во наредните три месеци ќе ги подготви измените на Изборниот законик. Работната група треба да подготви темелна анализа на изборниот модел и да предложи измени кои ќе создадат еднакви шанси за изборен натпревар на сите политички партии.

Демократскиот сојуз предлага Македонија да го задржи пропорционалниот модел, но да биде една изборна единица, со отворени листи и без изборен праг. Со овие промени, составот на парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе се демонтира „еднопартискиот систем“ на владеење кој овозможува менување на власта само на две доминантни политички партии.

Демократскиот сојуз ги повикува сите поголеми и помали политички партии застапени во Собранието да застанат зад идејата за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи. Граѓаните заслужуваат нивната политичка волја да биде почитувана и нивниот глас да биде вистински вреднуван и отсликан во највисокиот законодавен дом.“ – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.