23/04/2024
Македонија

Демократскиот сојуз бара промена на изборниот модел во една изборна единица

Демократскиот сојуз како дел од победничката коалиција што ја предводи СДСМ, на мандаторот за состав на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев му предлага во Програмата за работа на Владата да се вградат и приоритетите од Изборната програма на ДС.

1. Правна сигурност како основен предуслов за економски развој, странски и домашни инвестиции.

Уставни промени со кои ќе јакне самостојноста на законодавната, извршната и судската власт, ефикасен систем за одговорност на носителите на јавни функции и важење на законите подеднакво за сите граѓани.

Во оваа насока предлагаме коренита реформа на судскиот систем како гарант за владеење на правото, ревизија и реизбор на сите судии и обвинители, кривична одговорност за злоупотреба на судската и јавно обвинителската функција, детектирање на скриениот имот на судиите и сл.

Системски промени за целосна департизација и деполитизација на институциите надлежни и одговорни за откривање и гонење на криминалот, како и за остварување на основните човекови права и слободи. Во овој правец предлагаме целосни безбедносни проверки за секој припадник на МВР, АНБ, АР, военото разузнавање и припадниците на другите институции кои работат на откривање на криминалот.

Реформи за целосно ослободување на бизнисот од влијанието на власта и остварување на функционална пазарна економија.

Да се обезбеди целосна слобода на говорот и изразувањето на сопствен став и мислење. Вистински слободни, професионални и одговорни медиуми, преку системски промени кои ќе ја гарантираат нивната самостојност, објективност и независност.

2. Робусна борба против криминалот, конфискација на имотот стекнат на криминален начин или со користење на влијанието на власта, забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години за секој кој ја злоупотребил довербата на граѓаните.

Основа на ефикасната борба против криминалот да биде проектот „ДЕКРИ“ со кој ќе отвориме војна против сите кои во изминатите 30 години го ограбија народот, вклучително и мафијата која ги труе граѓаните со енергенси и опасен отпад.

Предлагаме во првите три месеци од формирањето на Владата на РСМ, да се донесе нов закон за борба против организираниот криминал и корупцијата.

3. Промена на изборниот модел заради подемократско и полегитимно претставување на граѓаните во парламентот.

Демократскиот сојуз предлага во првите три месеци од формирањето на Владата на РСМ, да се промени Изборниот закон со што Македонија ќе биде една изборна единица и ќе има отворени листи.

Да се намали бројот на министрите во Владата за 30 отсто и да се укинат поголемиот број на паралелните агенции, регулаторни тела, разни дирекции и сл.

Предлагаме укинување на пржинската влада и формирање на експертска влада од државната администрација, експерти од соодветните области, од науката и бизнисот, со мандат од дваесет дена, додека трае изборната кампања.

4. Посебна стратегија за младите со која ќе се овозможи младите да имаат избор дали ќе останат во Македонија или ќе заминат во странство.

Предлагаме 2 отсто од буџетот да бидат наменети за отворање на бизнис од младите. Секој кој ќе заврши високо образование ќе може година дена да работи во приватна или во државна компанија со плата од 500 евра од буџетот на државата. Да има бескаматни кредити за стан или куќа и едукација на младите за отварање нов бизнис.

Македонија да биде земја на информатиката.

Да се создадат поволни услови за отварање на над 30.000 мали компании во кои ќе се вработат над 100 илјади млади стручни кадри.

Покрај тоа, да се обезбеди целосна гасификација, субвенции за еколошки енергенси за греење, како и субвенции за купување на над 60.000 автомобили на електричен погон.