29/03/2024
Македонија

Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“ – доказ дека „Заедно сме посилни“

На „Криволак“ денеска, во присуство на највисокиот политичко – воен врв на Северна Македонија и високи гости од САД и сојузниците, беше реализиран Денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, каде беа презентирани офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од Армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови Ф-16 од вооружените сили на Грција.

На настанот се обратија претседателот на Владата, Зоран Заев, Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека е горд на припадниците на Армијата, на нашите офицери и војници за покажаната желба за усовршување и унапредување.

„Тие ги исполнуваат сите обврски и очекувања на достоинствен начин и на највисоко ниво, рамо до рамо со нашите сојузници не само дома, туку и со учеството во меѓународните мисии со кои се гарантира мирот во светот. Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот“, истакна премиерот Заев и додаде дека токму со членството во Алијансата, земјава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедноста.

„Денешното учество на претставници на нашата Армија заедно со нашите партнери од НАТО е резултат на високите достигнувања во техничката и воена подготвеност на нашите офицери и војници, но и на политичка визија со која се имплементираа највисоките демократски вредности“, заклучи премиерот Заев.

Претседателот Пендаровски порача дека со заедничкото планирање и организација на ваква вежба Северна Македонија и САД го афирмираат долгогодишното стратешкото партнерство, но и дека оваа вежба има и важна регионална димензија.

 „Во Одлучен удар учествуваат и претставници на армиите на Република Бугарија и Грција со што го зајакнуваме билатералното партнерство со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста“, рече претседателот Пендаровски.

Министерката Шекеринска порача дека моќта на НАТО е во неговото заедништво и дека токму на оваа вежба се покажува единството, сојузништвото, подготвеноста и соработката која може да ја има само најмоќната воено – политичка Алијанса која светот ја познава.

„Вежбата „Одлучен удар 21“ покажува дека членството во НАТО навистина не е само формално достигнување кое ќе го запишеме на хартија и ќе кажеме дека е остварување на нашата стратешка цел. Членството во НАТО е секојдневна практична работа, заедничко вежбање и војување, работа на терен која ја легитимира и Армијата на Северна Македонија како рамноправна, усогласена, еднаква со сојузничките Армии“, рече министерката и додаде дека денеска ние сме сојузник во НАТО кој ја гарантира безбедноста и сигурноста на своите граѓани, а заедно со сојузниците и на сите граѓани во Алијансата.

Шекеринска порача дека изминатите две недели, „пешадиските и специјалните единици на армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија покажаа дека дејствуваат како едно, дека тие се моќта на НАТО, дека македонскиот војник во акција може да го довери својот живот на американскиот, на бугарскиот и грчкиот, или пак да го брани животот на секој свој сојузнички колега, додека се одвива акцијата“. Министерката упати честитки до армискиот тим за беспрекорната организација и благодарност до САД за долгогодишната континуирана поддршка во зајакнување на способностите и интероперабилноста на нашата Армија.

Бригадниот генерал Џед Шаертл, заменик – командант за мобилизација на Вооружените сили на САД за Европа и Африка, изрази задоволство од присуството во Криволак и од можноста од прва рака да се види, како што рече, импресивната можност за реално извежбување во овој полигон.

Генералот Шаертл порача дека токму оваа прва голема вежба по членството на Северна Македонија во НАТО, ја покажува посветеноста на нашата земја и на земјите – учеснички, на Алијансата и дека токму преку ваков тип на вежби ние учиме еден за друг, учиме за опремата и системите, за да можеме навистина да бидеме интероперабилни и меѓусебно да се поддржуваме.

Денот за високи гости го следеа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за внатрешни работи, здравство и финансии – Оливер Спасовски, Венко Филипче и Фатмир Бесими, министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, висока делегација од државата Вермонт, САД, амбасадорите на САД, Кејт Мери Брнз, на Грција, Русос Кондурас и на Албанија, Фатос Река, претставници од собраниската комисија за одбрана и безбедност, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Грција и НАТО, командантот на бугарските специјални сили, генерал-мајор Јавор Матеев, командантот на SEEBRIG, генерал-мајор Аристидис Илиополос, како и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.

Вежбата „Одлучен удар 21“ на полигонот „Криволак“ е дел од најголемата НАТО вежба „Defender Europe21“ која годинава се одвива во Европа. Во „Одлучен удар 21“ учествуваат 1.500 припадници на вооружените сили од 4 земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија.  Вежбата започна на  17 мај и ќе трае до 02 јуни. Целта на вежбата е демонстрација на високо ниво на интероперабилност, борбена подготвеност и извежбување на Лесниот пешадиски баталјон со сојузничките армии како и зајакнување на соработката на конвенционалните и специјалните сојузнички сили.


Премиерот Заев на „Одлучен удар 21“: Како дел од моќното НАТО семејство нашата држава стана фактор за стабилност во регионот

 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев го посети армискиот полигон „Криволак“, каде се одржа  Ден на високи гости во рамки на воената вежбата „Одлучен удар – 21“.  На настанот покрај премиерот Заев присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и бројни високопоставени гости од земјата и странство, меѓу кои и заменик-командантот за мобилизација на ВС на САД за Европа и Африка, бригадниот генерал Џед Шаертл. 

Премиерот Заев изрази задоволство дека токму на армискиот полигон „Криволак“, еден од најдобрите полигони во овој дел од светот, се организира „Одлучен удар 21“ како дел од најголемата НАТО вежба оваа година на тлото на Европа во која учествува нашата армија заедно со армиите на нашите сојузници и пријатели САД, Грција и Бугарија.

Во продолжение ви го испраќаме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„За мене претставува чест, но и гордост денеска како претседател на Владата заедно со Претседателот на државата, со министерката за одбрана, со армиските претставници од нашата земја и нашите партнери од НАТО што учествуваме како рамноправна членка  во вежбата „Одлучен удар 21“.
Како дел од најголемата НАТО вежба оваа година на тлото на Европа.

Благодарение на еден отворен пристап со кој се реализираа Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија денес Северна Македонија е полноправна членка на НАТО.

За реализација на оваа стратешка цел за нашата држава беа потребни храбри одлуки и одважност.

Денес со задоволство може да констатираме дека токму на армискиот полигон „Криволак“ како еден од најдобрите полигони во овој дел од светот, се организира вежба во која учествува нашата армија заедно со армиите на нашите сојузници и пријатели САД, Грција и Бугарија.

Горд сум на нашата Армија, на наши офицери и војници, на нивната желба за усовршување и унапредуваат. Тие ги исполнуваат сите обврски и очекувања на достоинствен начин и на највисоко ниво, рамо до рамо со нашите сојузници не само дома, туку и со учеството во меѓународните мисии со кои се гарантира мирот во светот.

Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.
Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, нашата држава стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност.

Членството на Северна Македонија во НАТО ја редефинираше нашата улога на меѓународната безбедносна арена и ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава.

Во овие исклучително сложени времиња на светско ниво ја обезбедивме иднината на нашата држава. Северна Македонија како 30-та членка на НАТО секогаш има подадена рака од партнерите не само во сегментот на безбедност и стабилност, туку и во периодот на закрепнување. Се отвори простор за повеќе странски инвестиции, за конкурентни пазари за домашните претпријатија, како и за нови работни места и повисоки плати.

Денешното учество на претставници на нашата Армија заедно со нашите партнери од НАТО е резултат на високите достигнувања во техничката и воена подготвеност на нашите офицери и војници, но и на политичка визија со која се имплементираа највисоките демократски вредности.

Горд сум на нашата Армија за високите перформанси кои денес ги демонстрира како еднаква со нашите НАТО сојузници, а продолжуваат и залагањата за модернизирање полигонот „Криволак“ како е еден од нашите ресурси.

Сакам да им упатам честитки на сите кои учествуваат во  реализацијата на оваа мултинационална вежба, на сите припадници од армиите на Северна Македонија ,САД, Грција и Бугарија, а токму овие активности кои го зајакнуваат нашето партнерство се доказ дека заедно сме посилни и дека заедно можеме повеќе.

Ви посакувам успешна и плодна вежба! Благодарам.“