28/03/2024
Македонија

Дескоска: Јавната расправа ќе придонесе кон зголемување на вредноста на стратегијата и ќе ја прошири поддршката која oвој документ ќе ја има

Во Собранието на Република Македонија, во рамки на Комисијата за образование, наука и спорт, денеска се одржа јавна расправа за Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025.

Во салата „Борис Трајковски” имаше претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Македонската академија на науката и уметностите, универзитетите, синдикатите, невладините организации, политичките партии, како и меѓународни претставници од Делегацијата на Европската Унија, Светска Банка, УНДП, УНИЦЕФ, Британски совет и Мисијата на ОБСЕ.

Во своето воведно излагање, министерката Дескоска изјави дека целта на оваа јавна расправа е преку дебата да дојдеме до подобри решенија и до поквалитетни политики, односно да се слушне мислењето на стручната и академска јавност, како и сите засегнати страни, да се нотираат слабостите во предлог-стратегијата и да се збогати рамката на активности согласно кои ќе ги движиме процесите во образованието, пред истата да биде ревидирана во рамките на Министерството за образование и наука и да биде испратена до Владата на Република Македонија на усвојување.

“Оваа јавна расправа ќе придонесе кон зголемување на вредноста на стратегијата и ќе ја прошири поддршката која oвој документ ќе ја има“, потенцираше министерката Дескоска.

Во однос на самата стратегијата, министерката Дескоска посочи дека истиот опфаќа шест главни столбови на образовниот систем, односно предучилишното образование, основното образование, средното образование, стручното образование и обука, високото образование и истражување и учење и образование за возрасни. “Во првите четири покрај образовната компонента, треба да ја зајакнеме и воспитната. Во рамките на образовната компонента треба да се преоценат програмите кои се изучуваат, застапеноста на одредени значајни животни вештини и знаења“, изјави министерката Дескоска.

“Визијата на Владата за реформи во образованието е визија за сеопфатно, инклузивно и интегрирани образование што се фокусира на ученикот и на секој што има интерес да се надградува. Тоа треба да се базира на модерно програми кои ќе овозможат знаење, ставови, вештини и компетенции за сегашните и идни генерации, во согласност со стандардите на демократско и инклузивно општество, согласно потребите на пазарот на труд и предизвиците на глобалната научно-технолошка средина“, дополни министерката Дескоска.

“Ме радува дека и претходната и сегашната влада ги согледале проблемите во образованието и потребата од реформи во истото. Кога е во прашање образованието, сите сме свесни дека за неговите реформи нема инстант решенија и не постои магично стапче. Процесот на реформи треба да биде обмислен и инклузивен. Во овој процес ги отвараме вратите за сите. Се надевам дека тоа ќе биде позитивно и инспирирачко“, рече таа.

“Аристотел вели коренот на образованието е горчлив, но плодот е сладок. Затоа Ве повикувам заедно да го изодиме горчливиот, тешкиот пат, за сите идни гернерации да ги уживаат слатките плодови. Во градењето на стратегијата и во реформите во образованието сме подготвени да работиме заедно и да ги менуваме работите согласно потребите на модерното време, заврши министерката Дескоска.