20/04/2024
Македонија

Дескоска: Владата на РМ ја прифаќа вредноста која арбитражата ја има како механизам за заштита на правата на странските инвеститори

„Странските инвестиции се од суштествено значење за економскиот развој и напредок на Република Македонија“, истакна министерката за правда Рената Дескоска на денешната работилница посветена на Конвенцијата на Обединетите нации за транспарентност во Инвестициската арбитража заснована на меѓународни договори, од Њујорк од 2014 година (позната како Конвенцијата од Маурициус за транспарентност).

– Покрај економските фактори, еден од најзначајните фактори кои една земја ја прават привлечна за странските инвеститори претставува правната сигурност, а која пак директно зависи од правниот систем на државата домаќин. Секоја држава домаќин мора да создаде систем за решавање на споровите, во кој подеднакво ќе имаат доверба и таа и странскиот инвеститор – рече министерката за правда Рената Дескоска, која дополни дека најчесто ползуваниот механизам за заштита на странските инвестиции е арбитражата, односно инвестиционата арбитража.

Министерката за правда потенцираше дека „принципот на транспарентност е неопходен за да се обезбеди увид на јавноста во процесот на решавањето на споровите“, при што дополни дека „јавниот карактер на споровите меѓу странските инвеститори и државите околу третманот на странските инвестиции на територијата на одредена држава, директно го засегаат јавниот интерес“.

– Овој принцип може да се изрази во поглед на повеќе околности: Прво, може да биде изразен преку евидентирање и регистрација на поведените спорови за заштита на странски инвестиции, со што јавноста се запознава со постоењето на самиот арбитражен спор, пристапот на јавноста кон клучните документи за спорот, пристапот до арбитражните одлуки, јавниот пристап до самите постапки и давањето на согласност да се известува за текот на решавањето на одреден спор преку арбитража – истакна Дескоска.

Министерката Дескоска се осврна на Република Македонија и потенцираше дека Уставот на Република Македонија го гарантира правото на сопственост на секое лице, вклучително и странските инвестиции, а дека правото на сопственост може да биде одземено или ограничено, само ако се работи за јавен интерес утврден со закон.

Таа дополни дека нашата држава води активна политика за заштита на странските инвеститори преку склучување на билатерални договори за заштита на странските инвестиции со релативно голема лепеза на држави.

– Меѓу земјите со кои имаме склучени договори за заштита на странските инвестиции, има и 13 држави од ОЕЦД. Оваа Влада секако високо го вреднува и принципот на транспарентност, како витална вредност во уредувањето на односите со странските инвеститори, и секако е заинтересирана за проширување на можностите за заштита на јавниот интерес, дури и на полето на заштитата на правата на странските инвеститори – потенцираше Дескоска.
Министерката за правда го цитираше Лордот Хејварт:

„Не е потребно само правдата да се спроведе, потребно е и да се види дека правдата е спроведена.”
Таа потенцираше дека Владата на Република Македонија ја прифаќа вредноста која арбитражата ја има како механизам за заштита на правата на странските инвеститори, пред се од некомерцијални, политички ризици.

– Ние мораме да ја прифатиме и потребата за креирање на правила кои ќе обезбедат транспарентност во процесот на арбитражно решавање на инвестициони спорови на база на ратификуваните Конвенции за заштита на инвестициите, пред се заради заштита на јавниот интерес. Оттука, Конвенцијата од Маурициус претставува моќен меѓународен инструмент за овозможување на транспарентноста и има големи изгледи истата да биде широко прифатена од голем број на држави во светот. Македонската влада е секогаш отворена за нови иницијативи, предлози и идеи за унапредување на владеењето на правото – заврши Дескоска.

https://www.youtube.com/watch?v=GeY3oKruRCY