29/03/2024
Македонија

Директорот на Царина дел од 14 состанок на поткомитетот за трговија, индустрија, царина и оданочување

Делегација на Царинската управа на Република Македонија предводена од директорот Ѓоко Танасоски на 23.11.2017 година учествуваше на 14-тиот состанок на Поткомитетот за трговија, индустрија, царина и оданочување што се одржа во Брисел, Белгија.

Во делот на Царинската унија, во рамките на состанокот на Поткомитетот, Директорот на Царинската управа ги информираше претставниците на Европската Комисија за напредокот во законодавството, институционалниот и административниот капацитет на Царинската управа, како и за одржувањето на ИТ системите. Беше разговарано за напредокот и идните активности во развојот на Системот за обработка на царински декларации (CDEPS), за одржувањето и развојот на информатичките системи за транзит и за интегрирана тарифна околина. Учесниците на состанокот беа информирани за новитетите во поглед на воведувањето на Овластениот економски оператор (ОЕО) и активностите за меѓусебно признавање на ОЕО во рамките на ЦЕФТА регионот. Европската Комисија информираше за новитетите во законодавството на ниво на Европската Унија.

На 22.11.2017 година, Директорот на Царинската управа, исто така, оствари средба со високи претставници на Генералниот директорат за царини и оданочување на Европската Комисија, каде беа презентирани идните стратешки цели на Царинската управа на Република Македонија во насока на забрзување и олеснување на трговијата, како и активности поврзани со обврските на Царинската управа во спроведувањето на обврските од Повеќегодишниот акциски план за Регионална економска интеграција на Западен Балкан.