25/04/2024
Охрид

Доделени дипломите на матурантите

Со пригодна свеченост, традиционално во дворот на средното училиште „Св. Климент Охридски“, синоќа беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2017/18.

„Вам, матурантите сакам да Ви порачам, дека најубавите моменти во животот не ви завршуваат тука, иако знам дека сте поминале многу убави моменти во оваа зграда, бидејќи и во иднина ви претстојат убави моменти. Чекорејќи цврсто напред ќе постигнувате успеси со кои ќе се гордеете. Од Вас, градот и државата, очекуваат многу, очекуваме овој град да го направите уште подобар, оваа наша држава една и единствена да ја направите најубава. Да знаете дека тоа Ви е должност, заради тоа што оваа држава и овој град 18 години се грижеле за Вас, 18 години вложувале во Вас и Ваша должност е да се вратите во овој град и оваа држава, да придонесите да бидат уште поубави, затоа што само така можеме да одиме напред,“ – рече градоначалникот Стојаноски.

Директорката на средното училиште „Св. Климент Охридски“, Весна Цветкоска, им порача гордо да чекорат напред, кон освојувањето на новите предизвици што ќе ги направат горди и нив и нивното опкружување.

Манифестацијата беше збогатена со музичко забавна програма подготвена и изведена од матурантите.