Доделени ранци за учениците од прва година во дуалното образование во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“

Денес во просториите на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, Делегација на германското стопанство и компаниите Костал, ЛТХ и ОДВ електрик, на учениците од прва година во дуалното стручно образование им додели ранци со училишен прибор, а беше промовирана и табла за партнерство на училиштето со компаниите во областа на дуалното образование.

„Среќни сме што тука во Охрид спроведуваме дуално стручно образование. Оваа генерација се состои од 25 ученици и три компании кои учествуваат во оваа Програма, тоа се Костал, ЛТХ леарница и ОДВ електрик, а тоа значи дека наставата на учениците се одвива 50% во училиштето, а 50% практично во компаниите. Оваа комбинација на теорија и пракса во училиштата и компаниите е голема придобивка за учениците бидејќи тие добиваат можност да се стекнат со положен државен испит за државна мтура, но и со практична обука во самите компании. Делегацијата на германското стопанство која го спроведува дуалното стручно образование по германски модел ги координира и ги управува сите процеси поврзани со оваа програма и посредува во контактите помеѓу државниот и приватниот сектор, односно училиштата, компаниите и министерството за образование и наука. Покрај полагањето на државната матура, учениците ќе имаат прилика да го полагаат и тој испит за дуално стручно образование, тоа образование ќе им биде признаено и ќе можат да навлезат во пазарот на трудот и во самите компании. Компаниите Костал, ЛТХ и ОДВ електрик активно учествуваат во спроведувањето на дуалното стручно образование и активно се вклучени во изготвувањето на наставните планови и програми, затоа што и во нивен интерес е да ги обучуваат учениците и со тоа подоцна да добијат квалификуван работен кадар кој ќе го задржат во своите компании. Со тоа компаниите ја спроведуваат таа општествена одговорност. Фокусот на Програмата се однесува на оние ученици кои се талентирани и покажуваат афинитети кон природните науки, математиката, логиката, техниката и.т.н. Тоа значи дека нивното професионално развивање како личности и развивање на нивните кариери.“ – истакна Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.

„Во дуалното стручно образование 8 ученици се запишани како техничар во производно машинство и 17 техничари во индустриска мехатроника. Првата година им е комплетно теориска, а веќе од втора година започнуваат со изведување на практична настава, односно учење преку работа во трите компании Костал, ЛТХ и ОДВ електрик. Учениците кои изведуваат практична настава во дуално образование имаат поинаков однос за самата компанија, веќе ја чувствуваат како своја и многу подобро ги реализираат поставените задачи, за разлика од останатите ученици кои што одат на практична настава. Од минатата година веќе почнавме модуларно дизајнирани предмети кои се слични како наставните планови и програми во дуалното образование, очекувам од наредната година да има уште подобри резултати од претходните наставни планови и програми.“ – истакна Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“.

This slideshow requires JavaScript.

WebOhrid