19/04/2024
Македонија

Доделени сертификати за завршен курс по турски јазик

Денеска во Турскиот културен центар „Јонус Емре“ – Скопје беше одржана церемонија на доделување сертификати за завршениот курс по турски јазик за припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана. На денешната свеченост пред присутните се обратија заменикот министер за одбрана, Беким Максути и амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара, кои им ги врачија сертификатите на курсистите.

Заменик министерот Максути во своето обраќање истакна дека Македонија и Турција своите меѓусебни односи ги имаат издигнато на највисоко ниво особено во областа на одбраната. Тоа го прават преку реализирани многубројни проекти и активности. Максути упати благодарност за големите донации од страна на Министерството за национална одбрана на Р. Турција како и за несебичното пренесено искуство на нашиот кадар во турските воено – образовни центри и во образовниот центар „Јонус Емре“.

Максути додаде дека Република Македонија во Република Турција, земјата на Мустафа Кемал Ататурк, гледа голем сојузник, голем пријател, лобист и промотор, земја со која заедно се стремиме кон една заедничка евроатлантска иднина.

„Република Турција е верен пријател на Република Македонија и од нејзиното осамостојување се залага за просперитет и евроатлантска интеграција, истакна амбасадорката Тулин Еркал Кара. Таа ја потврди високата соработка помеѓу министерства и армиите на двете држави и рече дека неодамнешната посета на министерката Шекеринска ќе придонесе кон продлабочување на соработката.

„Јас сум убедена дека претставниците на Армијата кои турскиот јазик го изучуваа во институтот Јонус Емре уште повеќе ќе допринесат за оваа наша заедничка соработка“ – рече Еркал Кара.

Институтот „Јонуз Емре“ од 2012 година континуирано соработува со Министерството за одбрана на Република Македонија, при што се реализираат јазични курсеви за вработените во Министерството и Армијата, а во периодот 2017-2018 година Институтот отвори уште две нови дополнителни групи за персоналот на Министерството за одбрана. Во изминатиот период 130 припадници на МО и АРМ го завршија курсот по турски јазик.