28/03/2024
Охрид

Документарниот филм „До инклузија со соработка“ премиерно прикажан во Охрид

Документарниот филм „До инклузивност со соработка“ во режија на Ана Глигорова, премиерно беше прикажан денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Документарецот е во продукција на Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“, а е посветен на активните инклузивни практики на основното училиште „Св.Климент Охридски“ од Охрид.

На промоцијата на филмот зборуваа градоначалникот Јован Стојаноски, претседателката на здружението „Сината птица“ Мимоза Петревска Георгиева и Наташа Танеска, директорка на ООУ „Св.Климент Охридски“.

„Самата инклузија не само што е законски облигаторна, нејзиниот успех зависи од сите нас, зависи од стручните тимови во училиштата, од другите наставници, од соучениците, од родителите.“ – изјави претседателката на Здружението „Сината птица“, Мимоза Петревска Георгиева.

„Се чувствувам посебно среќен и горд затоа што и јас сум бил дел од тоа училиште и јас сум бил дете како вас и јас сум учел заедно со тие деца кои ги нарекуваме деца со различности, а се сепак деца. Ние во основа сите сме различни, а еден од основните дијалектички закони во животот на луѓето е дека тие различности мора да се стават во едно единство и дека ние сме една целина заедно и затоа ви честитам на сите кои учествувате во овој проект. Како Градоначалник на општина Охрид, можам да кажам дека Локалната самоуправа отсекогаш ги поддржувала ваквите активности, ваквите проекти затоа што различностите мора да ги соединуваме, да ги сплотуваме, да ги вмрежуваме и тоа ни е должност и понатака да го правиме, бидејќи тоа ни е во битието на нас како луѓе да се гледаме како различни и да живееме заедно со тие различности. Се надевам дека Локалната самоуправа и понатака ќе презема вакви активности се повеќе и повеќе и дека ќе ги поддржува и дека ќе ги прави тие различности да бидат што е можно помалку видливи и помалку впечатливи, а особено помеѓу децата.“ – изјави градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски.

„Во нашето училиште имаме 3 паралелки со вкупно 14 ученици – деца со посебни потреби, различности, со кои што работат нашите наставници дефектолози. Последниве години е поголем бројот на ученици со различности, покрај наставниците работи и инклузивен дефектолог во нашето училиште,. Ги вклучуваме во редовната настава бидејќи и тие треба да бидат згрижени, сакани, поддржувани, прифатени од сите нас.“ – изјави директорката на ООУ „Св.Климент Охридски“, Наташа Танеска.

По премиерата на документарниот филм се водеше дебата на инклузивниот тим на училиштето за нивните искуства од имплементацијата на инклузијата на лицата со попреченост во образовниот процес.

WebOhrid