20/04/2024
Охрид

Домашни и странски нуркачи во заедничка акција за чистење на Охридското Езеро

Околу 80 нуркачи од земјава и од странство учествуваа во големата акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад, која се одржа денеска во Охрид. Организатор на акцијата е нуркачкиот центар „Амфора“,како дел од финалните активности на проектот „Охрид ЕКО2022“. Настанот беше поддржан од Општина Охрид.

Градоначалникот Кирил Пецаков упати благодараност до организаторите и до сите нуркачи кои несебично се вклучија во еко-акцијата.

– Охридското Езеро е нашиот скапоцен бисер, нашата најголема гордостНие имаме привилегија да поседуваме една ваква уникатна убавина која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да вложиме максимални напори за да ја сочуваме за идните генерации. Недозволиво е кон овој прекрасен езерски басен, за кој научниците тврдат дека е стар околу 3 милиони години и во кој живеат ендемични видови на растителен и животински свет, да се исфрла најразличен отпад, рече градоначалникот Пецаков.

Тој истакна дека потребно е да се организираат многу повеќе вакви акции, кои можат да придонесат за подигање еколошката свест кај населението за поголема грижа за Охридското Езеро и околината која го опкружува.

– Ние како локална самоуправа во текот на изминатиот период реализиравме неколку акции за чистење на диви депонии на неколку локации во градот и околните населби. Беа подигнати огромни количини отпад што е показател дека свеста за заштита на природата и уникатните природни потенцијли, за жал е се уште на ниско ниво. Но нема да се откажеме од намерата за подобрување на еколошките услови, ќе работиме посветено и преку организација на вакви настани ќе се потрудиме да ги поместиме работите и секако очекувам да имаме значителен успех на ова поле, потенцираше Пецаков.

Акцијата за чистење се одвиваше на три локации во авто камп Градиште, музеј на Вода и градското пристаниште.


WebOhrid / 30.04.2022 / Општина Охрид