28/03/2024
Охрид

Донација од ЈП „Билјанини Извори“ за потребите на одделот за геријатрија

ЈП „Билјанини Извори“ денес во одделот за геријатрија при Општата болница – Охрид, донираше 6 анти-декубитни душеци и две ПВЦ врати за потребите на одделот. Донацијата од страна на ЈП „Билјанини Извори“ официјално ја предаде директорката на претпријатието Гордана Јованоска при што истакна дека оваа скромна донација е еден мал придонес од ЈП „Билјанини Извори“ како општествено одговорно претпријатие во насока на подобрување на секојдневните услови на сите присутни во одделот за геријатрија.

„Претходната година почнавме со еден Проект „Од граѓаните за граѓаните“ кој овој пат го насловивме како „Од граѓаните за највозрасните“ и во Општата болница во Охрид, во одделот Геријатрија доделивме 6 наддушеци кои што се користат како анти-декубитални за оние возрасни лица кои се неподвижни, за да немаат одредени проблеми, односно отворање на рани. Покрај тоа доделивме и две врати кои му беа потребни на самиов оддел и со тоа сакаме да им ја честитаме Новата година, да им посакаме многу здравје и среќа понатака во животот, воедно им доделивме и овошје за празниците кои следуваат, Бадник и Божик.“ – изјави директорката Јованоска.

„Во нашево одделение моментално имаме 26 пациенти, меѓутоа капацитетот е поголем, за 32 пациенти. Имаме потреба за вакви анти-декубитални душеци. Им изразувам голема благодарност на ЈП „Билјанини Извори“ во име на целиот наш персонал, за оваа хумана акција и донација од 6 анти-декубитални душеци и 2 ПВЦ врати, а воедно им ги честитам новогодишните и божиќните празници, со желба за многу здравје, среќа и радост во Новата година.“ – изјави д-р Јасминка Грозданоска.

ЈП „Билјанини Извори“ и во иднина ќе продолжи да се однесува општествено одговорно во рамките на можностите на претпријатието.

WebOhrid