28/03/2024
Македонија

Донесена нова одлука за вонредна состојба во времетраење од осум дена

Претседателот Стево Пендаровски вечерва донесе нова одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава.

Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.

Политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули 2020 година.

Во таа насока, одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Корона вирусот прогласена од Светската здравствена организација.

Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули. 

По постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.

Во таа смисла претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.

Претседателот Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата.